ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ОД АЛТА БАНКА Завршиле кај фирма поврзана со сватот на Али Ахмети
ВЛЕН изнесе нови обвинувања за финансиските врски меѓу ДУИ и белградската „Алта банка“, тврдејќи дека на 9 јуни 2025 година бил одобрен кредит од пет милиони евра за компанија во која косопственик е „АС Сењак“, фирма на Селаудин Арифи, сват на Али Ахмети.

Движењето ВЛЕН деновиве објавува информации за наводни финансиски и деловни врски меѓу ДУИ и белградската „Алта банка“, поврзувајќи ги со српскиот бизнисмен Давор Мацура и лица од најблиското семејно опкружување на Али Ахмети.
Во најновото обраќање пред јавноста, ВЛЕН презентираше конкретни податоци за кредит од пет милиони евра, за кој тврди дека бил одобрен од централата на „Алта банка“ во Белград на 9 јуни 2025 година.
Според тврдењата на ВЛЕН, кредитот го добила компанија во која косопственик е кичевската фирма „АС Сењак“, сопственост на Селаудин Арифи, кој е сват на Али Ахмети. Од ВЛЕН посочуваат дека оваа компанија претходно била поврзувана и со внукот на Ахмети, Дрин Ахмети, во бизнис-случајот со преземањето на „Соравија“.
ВЛЕН јавно прашува по која економска логика „Алта банка“ одобрила кредит од пет милиони евра на компанија поврзана со семејниот круг на лидерот на ДУИ. Дополнително, од партијата бараат одговор како е можно кредитот да биде одобрен токму во периодот кога српската банка ги подготвувала своите активности за влез на македонскиот банкарски пазар и преземање на Стопанска банка Битола.
ВЛЕН отвора и прашање дали кредитот можел да има врска со политичка поддршка за деловните интереси на Давор Мацура во Македонија.
Од ВЛЕН оценуваат дека станува збор за сериозни сомнежи за политичко-финансиско влијание и бараат Јавното обвинителство и Управата за финансиско разузнавање веднаш да ги испитаат меѓународните трансакции од 9 јуни 2025 година. Меѓу прашањата на кои, според партијата, треба да се даде одговор се под кои услови бил одобрен кредитот, со каков залог бил обезбеден и на чии сметки во Македонија завршиле петте милиони евра.
Од ВЛЕН најавуваат дека ова не е последното нивно обраќање за случајот и дека на следната прес-конференција ќе објават нови информации за тоа што се случило само три месеци по исплатата на кредитот.

