БУЏЕТОТ ЗА 2027 ВЛЕГУВА ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА Над 300 амандмани, дефицит од 45 милијарди денари и капитални инвестиции од 40,8 милијарди

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека буџетот е насочен кон одржување на фискалната стабилност, постепена консолидација и поттикнување на економскиот раст.

БУЏЕТОТ ЗА 2027 ВЛЕГУВА ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА Над 300 амандмани, дефицит од 45 милијарди денари и капитални инвестиции од 40,8 милијарди

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја започнува расправата за Предлог-буџетот за 2027 година во второ читање. За буџетот се поднесени над 300 амандмани, а комисиската расправа ќе трае 10 дена.

Со Предлог-буџетот се планирани вкупни приходи од 395,4 милијарди денари и расходи од 440,4 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП.

За капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари, додека за социјални трансфери се планирани 220,8 милијарди денари, од кои 123,8 милијарди за пензии. За здравството се обезбедени дополнителни 3,9 милијарди денари, а трансферите за општините ќе изнесуваат околу 36 милијарди денари.

Државата во 2027 година ќе треба да сервисира долг од 124,6 милијарди денари, вклучително и еврообврзницата од 500 милиони евра издадена во 2023 година. За финансирање на буџетскиот дефицит и обврските се планирани задолжувања на домашниот и странските пазари.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека буџетот е насочен кон одржување на фискалната стабилност, постепена консолидација и поттикнување на економскиот раст. Во фокусот, како што посочи, ќе бидат инфраструктурните проекти, инвестициите, растот на платите во јавниот сектор и подобрувањето на животниот стандард.

Меѓу позначајните инфраструктурни проекти се автопатските делници Кичево–Букојчани, Кичево–Охрид и Скопје–Блаце, Коридорот 8, железничката инфраструктура и воведувањето брз автобуски превоз во Скопје.

CATEGORIES
TAGS
Share This