ХАЏИ-ВАСИЛЕВА ЈА ПРЕЗЕДЕ ФУНКЦИЈАТА И НАЈАВИ ПРОМЕНИ Ќе има поефикасен прогон таму каде што најмногу значи
Новата раководителка на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи-Василева, потврди дека Обвинителството ги следи актуелните случувања поврзани со Алта банка, организацијата на прославите за Денот на независноста и други теми од јавен интерес.

Обвинителството ги следи случувањата поврзани со Алта банка, организацијата на прославите за Денот на независноста и други актуелни прашања од јавен интерес, но за да формира официјален обвинителски став потребни се конкретни факти и докази, изјави новоизбраната раководителка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи-Василева.
Одговарајќи на новинарско прашање дали има обвинителски став за овие случаи и дали треба да се испитаат одредени наводи, таа нагласи дека не би било соодветно да се изнесува оценка без конкретен материјал.
„За да имате обвинителски став, мора да располагате со конкретен материјал и факти, без оглед на тоа што се зборува во јавноста, што кружи во медиумскиот простор или што произлегува од новинарски написи“, изјави Хаџи-Василева.
Таа додаде дека ситуацијата е поинаква доколку постојат посериозни индиции или основи за сомневање, при што евентуалните активности на Обвинителството ќе зависат од сознанијата и доказите со кои ќе располага.
На прашањето дали, имајќи ја предвид истрагата во Србија и информациите поврзани со сопственикот на Алта банка, ќе побара соработка со српското обвинителство за организиран криминал, Хаџи-Василева посочи дека меѓународната соработка е составен дел од работата на обвинителските институции.
„Тоа е, се разбира, дел од начинот на работа и нешто на што нè обврзува законот. Доколку се отвори какво било прашање во рамките на кривичен прогон или испитување одредена состојба, секако дека соработуваме со колегите од други држави“, рече таа.
Хаџи-Василева ја презеде функцијата откако пред Советот на јавни обвинители даде свечена заклетва дека ќе ги почитува Уставот, законите и меѓународните договори, како и дека ќе ги штити слободите и правата на граѓаните. Нејзиното стапување на функцијата доаѓа во период кога Европската комисија повторно нотираше недостиг од напредок во борбата против корупцијата, а предметите за висока корупција и натаму се соочуваат со одложувања и застарување.
Таа најави дека приоритет ќе биде поефикасен и подиректен кривичен прогон, особено во предметите што се од суштинско значење за јавниот интерес.
„Свесна сум за одговорноста што ја наметнува моменталниот контекст, но и нашиот повик и задача. Ќе се обидуваме да испорачаме поефикасен и подиректен кривичен прогон таму каде што тоа најмногу значи, во предмети што навистина го засегаат јавниот интерес и се од интерес на сите нас, граѓаните и општеството“, порача Хаџи-Василева.
Како главни приоритети ги посочи ефикасноста на кривичниот прогон, целисходноста на работата и рационалното користење на ограничените ресурси со кои располага институцијата. На прашањето како ќе ги подобри условите за работа и ќе обезбеди дополнителни ресурси, имајќи ги предвид критиките од власта за платите на обвинителите и судиите, таа не сакаше директно да ги коментира политичките ставови, туку нагласи дека станува збор за системски прашања.
Според неа, обврска на раководителот е постојано да се залага за подобри услови за работа, поголема мотивација на вработените и соодветно вреднување на трудот на обвинителите.
„Прашањата за мотивацијата на вработените, платите на обвинителите и условите за работа се нешто на што треба да се работи, исто како што и ние мораме да работиме на подобрување на сопственото функционирање“, изјави таа.
Во однос на најавените законски измени, особено новиот Кривичен законик, Хаџи-Василева изрази очекување дека тие ќе придонесат за унапредување на кривичниот прогон и поефикасно функционирање на правосудниот систем.
Во последниот извештај на Европската комисија беше оценето дека измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, поврзани со злоупотребата на службената положба и злосторничкото здружување, не ги отстраниле последиците од измените од 2023 година и придонеле за правна несигурност.
Европската комисија предупреди и дека предметите за висока корупција се соочуваат со одложувања и често застарување, што ја засилува перцепцијата за неказнивост. Дали најавите на новата раководителка ќе резултираат со конкретни обвинителски постапки во случаите што ја засегаат јавноста, меѓу кои и Алта банка, останува да се види.

