ОТВОРЕНО ПРЕДАВАЊЕ ЗА ДРУШТВЕНАТА ИГРА СИНХРОНИЦИТЕТИ Поттикнување на креативноста и размислувањето кај децата
Посетителите ќе можат самостојно да ги испробаат картите, да ги истражат сопствените асоцијации и да создадат приказни инспирирани од сликите.

На 14 ноември (сабота), во 12 часот напладне, во киното Синеплекс и во организација на Скопје Сити Мол ќе се одржи отворено и бесплатно предавање за друштвената игра „Синхроницитети – Чувари на приказната“, авторско дело на визуелниот уметник и графички дизајнер Марко Трпески. Преку разговор со авторот Трпески, писателот и преведувач Владимир Јанковски и психотерапевтот Никола Дукоски, посетителите ќе имаат можност да дознаат како една слика може да поттикне низа асоцијации, да отвори нови перспективи и да стане почеток на приказна. Веднаш по предавањето во 13 часот ќе се одржи и работилница за креативно пишување преку играта. Играта е наменета и за возрасни и за деца над 8 години и влијае позитивно врз детскиот развој.
Играта ги поврзува визуелните симболи, личните асоцијации и раскажувањето, без однапред зададени толкувања и точни одговори. Секој играч ја доживува сликата на свој начин, поврзувајќи ја со сопствените искуства, сеќавања и имагинација. Токму во таа слобода на размислување и создавање се крие нејзината основна идеја.
Авторот Марко Трпески смета дека играта е многу повеќе од забава. Таа е еден од начините на кои човекот го истражува светот, размислува, поврзува различни појави и им дава значење на работите околу себе. Преку играта, според него, повторно се враќаме кон спонтаноста и љубопитноста, кои често ги губиме кога се обидуваме сè да објасниме и да сместиме во однапред поставени правила.
„Синхроницитети поттикнува да излеземе од вообичаениот начин на размислување, да ги поврзуваме работите, кои на прв поглед немаат ништо заедничко и да откриваме значења кои можеби претходно не сме ги забележале“. Во тоа, вели Трпески, се наоѓа творечката моќ на играта.
Особеноста на играта „Чувари на приказната“ е што не нуди единствено правилно толкување. Нема строго упатство според кое сите треба да ја раскажат истата приказна, туку секој учесник внесува нешто свое.
„Отсекогаш ме интересирал моментот кога случајноста добива смисла, кога предизвикот или картите, кои бараат толкување поттикнуваат асоцијации и нови идеи. Во играта нема однапред определен пат по кој треба да се движи приказната. Секој играч внесува дел од сопствениот свет, своите сеќавања и имагинација, па затоа и истата комбинација на карти може да создаде бесконечно различни приказни. Суштината не е само да создадеме нешто ново, туку преку создавањето да откриеме нешто и за самите себе“, објаснува Трпески.
Освен како поттик за креативност, играта има значење и од аспект на детскиот развој. Психотерапевтот Никола Дукоски објаснува дека играта е природен начин преку кој децата го запознаваат светот, ги обработуваат сопствените искуства и учат да размислуваат. Преку неа ги развиваат способностите за поврзување, забележување, изразување и разбирање на она што се случува околу нив.
„Синхроницитети го поттикнува симболичкото и асоцијативното размислување – способноста една слика или појава да ја поврземе со нешто друго и да ѝ дадеме сопствено значење. Тоа е важно за развојот на посложеното размислување, но и за способноста да се согледаат различни гледишта“.
Дукоски посочува дека ова е особено значајно по осмата година, кога децата сè повеќе почнуваат да се споредуваат со другите и да размислуваат за тоа како ќе бидат прифатени и оценети од околината. Понекогаш токму стравот да не згрешат ги прави повоздржани во изразувањето на сопствените идеи.
„Затоа, играта во која нема само еден точен одговор може да им помогне послободно да размислуваат и да ги искажуваат своите идеи, без страв дека нивното толкување е погрешно. Притоа, важен не е само конечниот резултат, туку и начинот на кој детето доаѓа до него – како ги поврзува сликите, како размислува и како ги разбира туѓите перспективи. Кога детето ќе открие дека една слика може да има повеќе значења, учи дека и другите луѓе можат да ја доживуваат истата работа на различен начин. Тоа ја развива неговата способност за флексибилно размислување, но и за разбирање на другите. Играта не е спротивност на учењето и развојот, туку еден од нивните најприродни начини“, вели Дукоски.
За писателот и преведувач Владимир Јанковски, играта на Трпески отвора и пошироко прашање за природата на уметничкото создавање. Нејзината основа е идејата дека креативниот процес не мора да започне со јасна претстава за тоа што ќе биде конечниот резултат. Напротив, уметноста често се создава преку истражување, експериментирање и прифаќање на неочекуваното.
Јанковски прави паралела меѓу начинот на кој функционира играта и начинот на кој настанува едно уметничко дело. Во двата случаи, создавањето е процес во кој идеите постепено се развиваат, а авторот не мора однапред да го знае конечниот исход.
„Идејата на која се темели играта е стара колку што е стара и уметноста и дека создавањето може да биде игра. Уметникот не мора уште на почетокот да знае што точно ќе произлезе од неговата работа. Создавањето е процес во кој, додека се менува делото, се менува и самиот автор“, објаснува Јанковски.
Според него, „Синхроницитети – Чувари на приказната“ ја претставува токму таа слобода на творечкиот процес, во кој разумот се испреплетува со интуицијата, логичното со случајното, а очекуваното со непредвидливото.
По разговорот со тројцата соговорници, настанот ќе продолжи со заедничко играње и креативно пишување. Посетителите ќе можат самостојно да ги испробаат картите, да ги истражат сопствените асоцијации и да создадат приказни инспирирани од сликите. Така, предавањето ќе понуди можност, не само да се запознае идејата зад играта, туку и непосредно да се доживее како од една слика можат да произлезат различни приказни.


