НЕ СЕ ПЛАШАМ, РАБОТАМ ПО ЗАКОН Сум наплаќала, наплаќам и ќе наплаќам, локалитетот е на приватно земјиште

Стојна Димитровска-Бот во „Претрес со Ландов“ ја бранеше наплатата за посета на еден од најпознатите туристички локалитети во Кратовско, тврдејќи дека најголемиот дел од земјиштето е приватно.

НЕ СЕ ПЛАШАМ, РАБОТАМ ПО ЗАКОН Сум наплаќала, наплаќам и ќе наплаќам, локалитетот е на приватно земјиште
Фото: Принтскрин

Стојна Димитровска-Бот, членка на здружението „Извор Кратово“ и одговорна за информативниот центар на локалитетот „Камени кукли“, во гостувањето во поткастот „Претрес со Ландов“ зборуваше за контроверзната наплата за посета на една од најпознатите туристички атракции во Кратовско, сопственоста на земјиштето и односите со институциите.

Таа откри дека локалитетот се наоѓа претежно на приватно земјиште, наведувајќи дека околу 70 до 80 проценти се приватна сопственост, додека останатите 20 до 30 проценти се државно земјиште. Дел од приватните парцели, како што објасни, се семејна сопственост, а за други здружението „Извор Кратово“ има склучено договори за трајно користење.

„И кој ќе дојде на самото земјиште, имаме право да му кажеме кои се нашите услови, ако сака да го користи самото земјиште“, изјави Стојна.

Според цените што ги наведе во емисијата, домашните посетители во моментов плаќаат 120 денари, односно две евра, додека за странските туристи цената изнесува 240 денари, односно четири евра. Таа откри дека во текот на туристичката сезона имало и наплата од пет евра, а до здружението предложила да се воведе единствена цена од пет евра за сите посетители, без разлика дали се од Македонија или од странство. Предлогот, како што посочи, сè уште треба да биде прифатен од здружението.

Стојна објаснуваше дека не станува збор за класична влезница за локалитетот, туку за пакет услуги кој опфаќа користење на просторот, паркинг и туристички информации. Посетителите добиваат информации за локалитетот, а лицата задолжени за нивниот пречек треба да зборуваат македонски и англиски јазик.

Едно од најинтересните прашања во разговорот беше дали посетителите можат да стигнат до Камените кукли без да платат, користејќи ја државната патека. На прашањето од водителот Кристијан Ландов што се случува ако некој пристигне пешки и сака само да стигне до државниот пристап, без паркинг и туристички услуги, Стојна одговори дека патеката се пристапува преку приватни парцели.

Таа посочи дека постои и друга можност за пристап, но за неа се потребни околу час и половина пешачење, при што и таа рута повторно поминува преку семеен имот. На инсистирањето на Ландов да објасни дали посетителите можат да поминат без да платат, Стојна остана на ставот дека има право да наплаќа за користењето на приватното земјиште.

„Сум наплаќала, наплаќам и ќе наплаќам“, порача таа.

Во разговорот беше отворено и прашањето за постапувањето на институциите против Стојна. Според информациите од МВР, против неа од страна на ОВР Кратово се поднесени две кривични пријави – едната за спречување службено лице во вршење службени дејствија, а другата за узурпација на недвижности. Од МВР информираат дека ниту една од пријавите не е отфрлена, дека во последниот месец Стојна двапати била лишена од слобода и дека се очекува да бидат поднесени уште две кривични пријави.

На прашањето дали ја загрижува постапувањето на институциите, Стојна одговори дека не се плаши, бидејќи, според неа, не прави ништо незаконски.

„Не правам ништо што не е легално. Сè што е легално, сè е изработено како што треба, без да повредам некого и без да ги повредам правилата и законите на мојава држава“, изјави таа.

Истовремено, изнесе сомнеж дека постапувањето против неа е резултат на наредби од повисоко ниво.

„Тие работат по наредба од високо ниво“, рече Стојна, но не посочи кој конкретно, според неа, стои зад таквите наводни наредби.

Во емисијата беше споменато и нејзиното претходно лишување од слобода и престојот во притвор. На потсетувањето од Ландов дека поминала 68 дена во притвор, Стојна одговори дека таму била „речиси за ништо“, повторно отфрлајќи ги сомнежите за незаконско постапување.

Ландов ја соочи и со наводите од допис на Општина Кратово за неовластено користење на просторот и нелегална наплата. Таа ги отфрли обвинувањата, повторувајќи дека настапува како давател на услуги, а не како лице кое продава влезници.

Беше отворено и прашањето за судскиот спор за предавање недвижен имот во владение на Музејот во Кратово, при што во разговорот беше нагласено дека презентираната пресуда не е правосилна.

Стојна потсети дека нејзиното семејство и здружението биле вклучени во туристичкото отворање на локалитетот уште во 2004 година, кога биле изградени патеки и биле преземени активности за Камените кукли да станат достапни за јавноста.

Кој има право да наплаќа за пристапот до Камените кукли, каде завршува приватниот имот и почнува јавниот локалитет и дали посетителите имаат можност да ја посетат природната атракција без да платат, остануваат клучните прашања во спорот што ја отвори оваа тема во јавноста.

CATEGORIES
Share This