ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК ЈА ПАРАЛИЗИРА ШПАНИЈА Милиони работници бараат повисоки плати, поевтини станови и подобри јавни услуги
Синдикатите CCOO и UGT соопштија дека одзивот е масовен, со учество на 90 проценти од работниците во автомобилската индустрија и пристаништата, како и висока излезност во енергетскиот и прехранбениот сектор.

Милиони работници низ Шпанија денеска излегоа на генерален штрајк, прв во последните 14 години, барајќи повисоки плати, подостапно домување и подобрување на јавните услуги. Штрајкот се одржува само 18 дена пред парламентарните избори.
Протестите започнаа со блокади на патишта и судири меѓу демонстрантите и полицијата. Синдикатите CCOO и UGT соопштија дека одзивот е масовен, со учество на 90 проценти од работниците во автомобилската индустрија и пристаништата, како и висока излезност во енергетскиот и прехранбениот сектор.
Во Каталонија беа блокирани повеќе од 30 сообраќајни точки, додека во Мадрид протестите предизвикаа прекини во сообраќајот. Полицијата интервенираше и во најголемиот центар за дистрибуција на храна во земјата – Меркамадрид.
Синдикатите обвинија за прекумерна употреба на полициска сила. Во меѓувреме, генералниот секретар на CCOO, Унаи Сордо, нагласи дека штрајкот не е поврзан со претстојните избори, туку со долгогодишниот проблем со недостапноста на становите, особено за младите.

