ФАКУЛТЕТСКАТА ДИПЛОМА ВЕЌЕ НЕ Е ГАРАНЦИЈА ЗА РАБОТА 372.000 високообразовани Германци се невработени

Вештачката интелигенција дополнително ги загрозува почетните работни позиции, предупредува германскиот индустриски гигант „Сименс“.

ФАКУЛТЕТСКАТА ДИПЛОМА ВЕЌЕ НЕ Е ГАРАНЦИЈА ЗА РАБОТА 372.000 високообразовани Германци се невработени
Фото: Принтскрин

Невработеноста меѓу високообразованите во Германија достигна рекордно ниво, а особено загрижувачка е состојбата кај младите кои штотуку влегуваат на пазарот на трудот.

Според податоците на Сојузната агенција за вработување, во август без работа биле 372.000 лица со високо образование, продолжувајќи го петгодишниот тренд на раст на невработеноста во оваа категорија, пренесува ДПА. Сепак, факултетската диплома и натаму претставува предност. Во 2025 година стапката на невработеност кај високообразованите изнесувала 3,3 отсто, наспроти 3,6 отсто кај лицата со стручно образование и над 21 отсто кај оние без професионални квалификации.

Разлики има и според областа на студирање: невработеноста кај дипломираните во образованието била под два отсто, кај хуманистичките науки 4,6 отсто, а кај инженерите 3,8 отсто.

Иако германската Агенција за вработување смета дека е малку веројатно вештачката интелигенција целосно да ги замени постојните професии, „Сименс“ предупредува на сериозна опасност за почетните работни места.

Директорката за човечки ресурси и одржливост во компанијата, Џудит Визе, предупредува дека младите би можеле да останат без можност да стекнат практично искуство и да ги развијат основните професионални вештини.

Како пример го посочи програмирањето, каде што вештачката интелигенција сè почесто презема пишување код, поради што програмерите мора да научат критички да ги проверуваат резултатите и да ги откриваат грешките.

„Што морам сам да направам, да проверам и да видам, за вештачката интелигенција да не ме доведе во заблуда?“, прашува Визе, нагласувајќи дека практичната работа останува неопходна за професионалниот развој.

CATEGORIES
Share This