РАЗГОВОРИТЕ ВО АБУ ДАБИ БЕА ТЕШКИ, НО ПРОДУКТИВНИ Територијалните прашања остануваат најголема пречка за мирот
Американскиот претседателски советник најави можност идните преговори да се прошират со учество на европски преговарачи, додека Украина тврди дека е постигнат огромен напредок во безбедносните прашања.

Трилатералните разговори меѓу Русија, Украина и Соединетите Американски Држави, кои во изминатите два дена се одржаа во Абу Даби, биле „тешки, но продуктивни“, оцени советникот на американскиот претседател Џаред Кушнер, посочувајќи дека територијалните прашања и натаму претставуваат најголема пречка за постигнување мировен договор.
На прес-конференција по завршувањето на разговорите, Кушнер изјави дека меѓу главните теми биле безбедносните аранжмани за Украина по завршувањето на војната, како и механизмите за следење на евентуалниот прекин на огнот, објави „Скај њуз“.
„Територијалните прашања ќе бидат најтешки“, истакна Кушнер.
Тој оценува дека последната рунда преговори претставува позитивен чекор кон мирот, и покрај длабоката недоверба меѓу Москва и Киев. Најави дека целта е идните разговори да се прошират во мултилатерален формат, со вклучување и на европски преговарачи.
Украинскиот главен преговарач Рустем Умеров, пак, оцени дека е постигнат „огромен напредок“ во разговорите за безбедноста и идниот просперитет на Украина. По трилатералната средба, Умеров изјави дека е создаден позитивен моментум кој би можел да придонесе за постигнување договор пред крајот на годината. Тој им се заблагодари на американските претставници, нагласувајќи дека и претходните состаноци во текот на годинава придонеле за напредок во преговарачкиот процес.
Паралелно со разговорите за безбедносните и територијалните прашања, Москва и Киев постигнале договор за нова голема размена на затвореници, која би опфатила повеќе од 1.000 лица.
Рускиот генерал-полковник Александар Зорин, кој учествувал во преговорите во Абу Даби, изјави дека размената најверојатно ќе се реализира во следните две до три недели, откако ќе бидат усогласени сите детали и прашања поврзани со нејзината постапка, објави „Спутник“. Помошникот на рускиот претседател и шеф на руската делегација, Владимир Медински, исто така потврди дека за време на разговорите е постигнат договор за нова голема размена на затвореници.
Тој најави дека конкретните услови и деталите за размената ќе бидат објавени наскоро.
Иако преговорите во Абу Даби донесоа напредок во безбедносните прашања и договор за размена на затвореници, територијалниот спор останува клучното нерешено прашање на патот кон евентуален мировен договор меѓу Русија и Украина.

