ТЕХЕРАН ТВРДИ ДЕКА ГО ДРЖИ КЛУЧОТ ЗА ОРМУТСКИОТ ТЕСНЕЦ Иран испрати нова порака до Вашингтон
Техеран во меѓувреме нуди временски ограничен план за повторно отворање на Ормутскиот теснец и тврди дека клучот за безбедноста во Персискиот Залив е во негови раце.

Иран испрати нова дипломатска порака до Вашингтон, изразувајќи подготвеност за преговори со Соединетите Американски Држави за надминување на кризата и ставање крај на состојбата „ниту војна ниту мир“. Сепак, претседателот Масуд Пезешкијан порача дека Техеран нема да подлегне на американскиот притисок.
„Можеме да преговараме со достоинство и да го решиме ова прашање со достоинство. Ние сме за дијалог и преговори“, изјави Пезешкијан, според соопштението објавено на официјалната веб-страница на иранското претседателство, пренесува Анадолија.
Иранскиот претседател нагласи дека неговата земја ги почитува американските преговарачи, но дека евентуалниот договор мора да биде заснован врз меѓусебно почитување, а не врз наметнување услови и притисоци.
Во меѓувреме, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, соопшти дека предлогот на Техеран за повторно отворање на Ормутскиот теснец претставува „логичен, директен и временски ограничен предлог“.
Багеи оцени дека Иран ја има клучната улога во обезбедувањето стабилност и безбедност на Ормутскиот теснец и Персискиот Залив. Според него, постигнувањето договор и напредокот во регионалната безбедност ќе зависат од тоа дали САД ќе донесат мудра одлука и ќе ги земат предвид ставовите на сопствената јавност.
„Планот на Иран останува на маса како најлогичен, применлив и структуриран план за патна карта“, изјави Багеи, пренесува иранската агенција Тасним.
Тој додаде дека воспоставувањето безбедност на светските енергетски артерии бара искрена политичка волја од другата страна, со цел да се надмине застојот што, според Техеран, е предизвикан од актите на агресија.
Изјавите од Техеран доаѓаат во време на дипломатски напори за надминување на конфликтот со Вашингтон. Иранската страна јавно сигнализира подготвеност за договор, но истовремено инсистира дека преговорите мора да се водат без уцени и со почитување на нејзините позиции.

