АЛТА БАНКА ЌЕ БИДЕ СПАСЕНА Мицкоски откри кога ќе се одржи аукцијата и испрати порака до СДСМ

Премиерот очекува аукцијата за продажба на акциите да биде закажана кон крајот на месецот или на почетокот на декември.

АЛТА БАНКА ЌЕ БИДЕ СПАСЕНА Мицкоски откри кога ќе се одржи аукцијата и испрати порака до СДСМ
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски е оптимист дека Алта банка ќе биде спасена од стечај и дека наскоро ќе добие нов сопственик, кој ќе овозможи продолжување на нејзиното работење. Тој денеска од Охрид порача дека изминатите денови бил лично ангажиран во изнаоѓањето решение за банката и очекува процесот на нејзино преземање да продолжи според предвидените законски процедури.

Мицкоски уверува дека постои реална можност за позитивен исход, што би било важно не само за банката, туку и за нејзините доверители и сите граѓани и компании кои имаат деловни односи со неа.

„Голем оптимист сум дека ќе имаме финансиска институција, банка, која ќе биде сопственик на Алта банка. Значи, ќе ја спасиме банката. Тоа е многу важно и за доверителите и за луѓето кои имаат некаква релација со банката“, изјави премиерот.

Премиерот повторно ја обвини опозициската СДСМ дека водела политичка кампања со која се создавал страв и неизвесност околу иднината на Алта банка, тврдејќи дека опозицијата посакувала банката да заврши во стечај. Според Мицкоски, таквото сценарио нема да се реализира, а позитивното разрешување на случајот ќе ги разочара оние кои предвидувале банкрот и пропаѓање на финансиската институција.

„Тоа е лоша вест за нашата опозиција, којашто се молеше и на дневна основа водеше кампања дека банката ќе банкротира и ќе отиде во стечај. СДСМ има амбиција испреплетена со црни сценарија, а ние имаме амбиција да ја спасиме банката и таа да продолжи да функционира“, порача Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата не може произволно да одлучува кој ќе работи на македонскиот финансиски пазар, доколку заинтересираните субјекти ги исполнуваат законските услови и критериумите на регулаторните институции.

Одговарајќи на прашањата поврзани со сопственичката структура и контроверзиите околу Алта банка и бизнисменот Давор Мацура, Мицкоски изјави дека се согласува Обвинителството да отвори предмет и да спроведе истрага, по што ќе се утврдат сите релевантни околности. Тој посочи дека, според неговите информации, сопственикот ги исполнил законските услови за работење на македонскиот пазар, наведувајќи дека претходно се стекнал со право да поседува акции во Адико банка во Австрија, а воспоставил и деловни односи со Рајфајзен банка.

„Ние како Влада, секој оној кој ги исполнува сите законски услови, што ги исполнува правилата на работа, не можеме да бираме кој ќе работи или кој нема да работи“, изјави Мицкоски.

Тој оцени дека обвинувањата од опозицијата ги третира како политичка естрада и фолклор и предупреди дека воведувањето ограничувања врз странска основа би можело да предизвика негативни последици за економските односи. Како пример ја посочи можноста Србија да воведе ограничувања за македонските компании, меѓу кои „Алкалоид“, АС-ПАК, „Витаминка“ и „Стокомак“, што, според него, би било лошо за економската соработка меѓу двете држави.

Премиерот откри и во која фаза се наоѓа постапката за продажба на акциите на Алта банка, посочувајќи дека се очекува аукцијата да биде закажана кон крајот на ноември или на почетокот на декември. Според неговото објаснување, завршиле трите дена предвидени за известување на регулаторот во Србија, а во тек е рокот од десет дена во кој треба да се добие согласност Народната банка да ги отуѓи акциите преку аукција.

Потоа следува петдневна постапка за лиценцирање на потенцијалните понудувачи.

„Очекувам кон крајот на месецот, почетокот на идниот месец да биде закажана аукцијата“, изјави Мицкоски по отворањето на новиот производствен капацитет на компанијата АСП-ПАК ДООЕЛ во Охрид.

Премиерот изрази уверување дека целиот процес ќе заврши успешно и дека Алта банка ќе продолжи да функционира со нов сопственик.

CATEGORIES
TAGS
Share This