ФЛИК ГО НАДИГРА СИМЕОНЕ ВО МАДРИД Барселона со пресврт го освои „Метрополитано“, а статистиката е неверојатна
Каталонците со пресврт на „Метрополитано“ славеа со 1-2 и ја зголемија предноста пред Атлетико на пет бода.

Барселона ја продолжува победничката серија во шпанската Ла Лига, откако со пресврт го совлада Атлетико Мадрид со 1-2 на гостувањето на „Метрополитано“, во дербито од 12. коло. Каталонците покажаа карактер, ги освоија трите бода и ја зголемија предноста пред мадридскиот ривал на пет бода.
Иако Атлетико имаше одлично прво полувреме и создаде неколку сериозни можности, Барселона успеа да се врати во натпреварот и со погодоците на Фермин Лопез да стигне до значајна победа.
Тренерот на Барселона, Ханси Флик, призна дека неговиот тим не го одиграл најдоброто прво полувреме, но беше задоволен од реакцијата по паузата.
„Првото полувреме не беше идеално, бидејќи ни недостигаше потребниот интензитет. По паузата, сепак, значително ја подобривме играта и освоивме нови три бода. Натпреварите траат 90 минути“, изјави германскиот стратег.
Флик откри и дека Френки де Јонг бил подготвен да ја преземе позицијата десен бек во вториот дел, што било дел од тактичкиот план на Барселона.
„Де Јонг може да одговори на таа позиција. Разговаравме за тоа и самиот ми кажа дека е подготвен. Планот беше да остане таму 15 минути, а по замената на Бернал, Френки да се врати во средниот ред“, објасни Флик.
Тренерот нагласи дека верува во квалитетот на својот состав и дека целта на Барселона останува освојување трофеи, но и внимателно управување со физичкиот напор на фудбалерите во долгата сезона.
Освен победата во големото дерби, Барселона продолжува да импресионира и со својата напаѓачка ефикасност. По 12 одиграни кола, каталонскиот гигант има постигнато 48 погодоци, односно просечно по четири гола на натпревар. Подобар учинок во историјата на шпанското првенство во оваа фаза имал само Атлетик Билбао во сезоната 1930/31, кога постигнал 56 гола.
Барселона досега има примено 13 погодоци, па гол-разликата изнесува импресивни плус 35. Единствениот пораз на каталонците од почетокот на првенството е оној во дуелот со Реал Мадрид.
И покрај поразот, Диего Симеоне не го криеше задоволството од прикажаното од неговите фудбалери. Атлетико одигра одлично прво полувреме, создаде неколку сериозни шанси и во голем дел од натпреварот успеа да му го отежне животот на лидерот во првенството. Аргентинскиот стратег смета дека неговиот тим заслужил повеќе, но призна дека Барселона знаела да ги искористи своите можности.
„Немам за што да се жалам. Момците одиграа извонреден натпревар. Го доведовме противникот во ситуации во кои не се чувствуваше удобно. Ни недостигаше реализацијата што ја имавме на претходните натпревари. Барселона е исклучително самоуверен противник и ги искористи своите шанси. Горд сум на фудбалерите и задоволен од нивната игра“, изјави Симеоне.
На прашањето дали конечниот резултат е реален, тренерот на Атлетико одговори без барање изговори.
„Да, резултатот е праведен, бидејќи тие постигнаа два гола, а ние еден“, призна Симеоне.
Една од темите по дербито беше и аргентинскиот напаѓач Хулијан Алварес, кој во летниот преоден рок се поврзуваше со можен трансфер во Барселона. Симеоне го пофали неговиот настап, посочувајќи дека учествувал во неколку опасни акции и асистирал за голот на Атлетико. Сепак, тренерот јасно стави до знаење дека очекува Алварес да ја подобри реализацијата и да преземе уште поголема одговорност.
„Сите сакаме да постигнува голови, но ќе го чекаме. Потребен ни е, бидејќи ако сакаме да стигнеме до целите што ги поставивме, мораме да го имаме во вистинска форма. Во спротивно, нема да успееме“, порача аргентинскиот стратег.
Победата на „Метрополитано“ така донесе двојна добивка за Барселона и три големи бода и дополнителна потврда за нејзината голгетерска моќ, додека Атлетико, и покрај добрата игра, остана без бодови.

