ПРЕСПА ВАЖИ САМО КОГА Ѝ ОДГОВАРА НА ГРЦИЈА – ЕРТ ја означи Македонија со NMKD

На телевизискиот пренос од квалификацискиот натпревар Грција – Македонија, грчката ЕРТ и грчката ракометна федерација употребија ознака NMKD, иако Преспанскиот договор предвидува дека за сите намени, освен регистарските таблички, официјални меѓународни кодови се МК и МКД.

ПРЕСПА ВАЖИ САМО КОГА Ѝ ОДГОВАРА НА ГРЦИЈА – ЕРТ ја означи Македонија со NMKD
Фото: Принтскрин

Грчката национална телевизија ЕРТ и грчката ракометна федерација предизвикаа реакции со употребата на ознаката NMKD наместо MKD за време на телевизискиот пренос од ракометниот натпревар меѓу Грција и Македонија, одигран во рамките на квалификациите за Европското првенство. На кајронот за време на преносот, Македонија беше означена со NMKD, наместо со меѓународниот код MKD.

Особено е значајно што ЕРТ е јавен национален радиодифузер под капата на грчката држава, а досега на ваквите спортски преноси не се употребувала ознаката NMKD.

Според член 1, став 3, точка (д) од Преспанскиот договор, меѓународните кодови и кратенки MK и MKD остануваат официјални кодови на земјата за сите намени, со исклучок на регистарските таблички на возилата. Во договорот експлицитно е наведено:

„Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодовите на земјата остануваат да бидат МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација за стандардизација (ИСО).“

Оттука, употребата на NM или NMK е предвидена за регистарските таблички на возилата, додека за сите други намени остануваат MK и MKD. Тоа се однесува на меѓународните спортски натпревари, спортските федерации, официјалната комуникација, пасошите, трговските ознаки и другите области во кои се користат меѓународните кодови на државите.

Употребата на NMKD на телевизискиот пренос отвора прашање зошто грчкиот јавен радиодифузер и ракометната федерација користеле ознака различна од онаа што е предвидена со Преспанскиот договор. Дали станува збор за намерна промена или за грешка во означувањето, засега нема официјално објаснување од грчката телевизија и ракометната федерација.

CATEGORIES
Share This