АВСТРИСКИОТ АМБАСАДОР ЈА РАЗБИВА БУГАРСКАТА ТЕЗА Вториот Протокол не е дел од преговорите со ЕУ
Мартин Памер предупредува дека доколку Бугарија се обиде да го користи Вториот Протокол за притисок врз Скопје во преговорите, земјите членки на ЕУ ќе реагираат и ќе ѝ укажат дека документот не е дел од преговарачкиот процес.

Никој освен Бугарија досега не тврдел дека Вториот Протокол е дел од преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија. Ова го истакна австрискиот амбасадор во земјава, Мартин Памер, во интервју за емисијата „ЕВРОПАТ“.
Памер порача дека доколку официјална Софија се обиде да го користи документот како средство за вршење притисок врз Македонија во текот на преговорите со ЕУ, земјите членки ќе реагираат и ќе ја информираат Бугарија дека Вториот Протокол не е дел од преговарачкиот процес.
Австрискиот амбасадор се осврна и на можноста Австрија да се вклучи како трета страна во надминувањето на спорот меѓу Македонија и Бугарија.
Тој нагласи дека Виена и Австрија традиционално имаат улога на место за дијалог и посредување, но за вклучување трета страна во процесот е неопходна согласност од двете страни – Скопје и Софија.
Памер посочи дека во моментов нема јасна слика дали таква согласност постои, но нагласи дека Австрија би била подготвена да се вклучи доколку тоа го посакуваат сите засегнати страни.

