ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Политички преглед на денот, недела 08 ноември 2026 година.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Фото: Национал

Политички преглед на денот, недела 08 ноември 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ: СДС повторно сее паника – Алта банка им стана нова политичка алатка за создавање нестабилност

Во СДС прво треба на научат кој за што е надлежен во државата. Јасно е дека во нивно време немаше линии во поделбата на власта па беа по старото ‘кадија те тужи, кадија те суди’, но еве потсетување дека Народната банка и гувернерот се институцијата која носи одлуки во рамките на своите надлежности за банкарскиот систем.

Алта банка е увезен проблем и не може СДС од ракав да даваат вакви изјави, прво немаат кредибилитет, второ очигледно ги знаат основните надлежности на ниедна институција. Но Заев правеше така, па нив им е всадена таа матрица и гледаат низ истата призма, имаат двојни стандарди, а можеби како што беше за Еуростандард така и за Алта на сон им доаѓаат сценаријата.

Од партијата на Венко сега пак гледаме обиди за создавање на искривени перцепции, дека проблемот можел да се прелее во сите банки, иако од надлежните има транспарентна комуникација и се работи на решение, а гувернерот порача дека граѓаните нема да бидат оштетени.

Ама лица од СДС на телевизиски настапи настапуваат со однапред подготвена програма за ширење паника и повторно спинување на изјави во јавноста за оваа тема како и секоја останата да можат да ја искористат.

СДС се симбол за нестабилност, криминал и афери и свесно користат теми од јавен интерес за да создадат чувство на нестабилност со вакви неосновани тврдења.

Им порачуваме на СДС да престанат со обидите за политичко профитирање, има надлежни кои работат на решение, деструктивноста на СДС не им треба на граѓаните.

СДСМ: По протестот на војниците пред влада, се огласи и СДСМ – Бараат повисоки плати и еднакви отпремнини за војниците

СДСМ целосно ги поддржува барањата на професионалните војници за еднакви права и достоинствени услови за работа и пензионирање. Дискриминацијата со која што денес се соочуваат припадниците на Армијата е недозволива.

Неправедно е поранешните припадници на Армијата кои заминале во пензија пред 14 февруари 2024 година да имаат значително помали отпремнини од оние кои се пензионирале по овој датум.

По кој основ луѓето кои со години и служеле на државата и ја извршувале истата должност да бидат различно вреднувани? Сите војници заслужуваат еднакви права и правичен третман од државата. Луѓето кои ја чуваат безбедноста на државата заслужуваат сигурност и достоинствени плати.

Го поддржуваме барањето на професионалните војници за трансформирање на работниот однос на неопределено време после петта година како што предвидува Законот за работни односи и за зголемување на платите.

Откако е Мицкоски на власт, две години нема зголемување на платите во Армијата. Во мандатот на владата на СДСМ значително се подобрија условите за сите припадници на Армијата, како и за вработените во одбраната.

Платите на воениот персонал – офицерите, подофицерите и професионалните војници, но и на цивилните лица на служба во Армијата, етапно беа зголемени за 15 проценти.
СДСМ го обезбеди членството во НАТО во 2020 година. Треба условите да се подобруваат постојано а не да се влошуваат.
Со ВМРО парите завршуваат во криминални тендери. Владата на Мицкоски нема пари за поголеми плати во Армијата – нема за работниците, нема за земјоделците, едноставно нема пари за граѓаните. Државната каса ја киднапираа за свои бизнис интереси.

СДСМ ќе поднесе законско решение во Собранието согласно барањата на професионалните војници – за обезбедување сигурност и достоинство на сите војници. Армијата е чувар на безбедноста на државата, како членка на НАТО мора да имаме силна одбрана, задоволни и мотивирани војници.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Бегалката Михаилова сама потврди: Родена сум во Македонија, но не сум Македонка – Иницијативата на Единствена Македонија за одземање на државјанство повторно во фокусот

Синоќешното гостување на бегалката Ива Михаилова на бугарски медиум, во кое таа изнесе тешки обвинувања против Македонија како и истакнување дека фактот што е родена во Македонија не ја прави Македонка, дека во срцето и душата се чувствува како Бугарка и дека, како што тврди, некој сака да ѝ го одземе бугарскиот идентитет, повторно ја отвори темата за иницијативата на Единствена Македонија за создавање правна основа за одземање на државјанството на лица со двојно државјанство кои дејствуваат против државните интереси.

Случајот е повод сериозно да се разгледа прашањето дали Македонија треба да располага со законски механизми со кои ќе може да ги заштитува сопствениот суверенитет, безбедност и уставен поредок од дејствувања насочени против нејзините државни интереси.

Единствена Македонија, пред еден месец, најави дека при следната промена на Уставот ќе покрене иницијатива за изменување и дополнување на Законот за државјанството.

Иницијативата предвидува враќање на одредба што постоела во законодавството на поранешна СФР Југославија, а која овозможувала одземање на државјанството на лица кои поседуваат македонско и странско државјанство, доколку дејствуваат против државните интереси.

Од Единствена Македонија посочуваат дека сегашниот Устав на Република Македонија не дозволува одземање на државјанството на македонски државјанин. Токму затоа, според нивниот предлог, најпрво е неопходно отстранување на уставната пречка, по што би следувале соодветни измени во Законот за државјанството.

Во партијата сметаат дека во услови на сè поголеми предизвици и дејствувања спротивни на македонските национални интереси, државата мора да располага со ефикасни правни инструменти за заштита на својот суверенитет, безбедност и уставен поредок.

Пораката на Единствена Македонија е јасна: државјанството не смее да биде засолниште за лица кои работат против сопствената држава!

Македонија мора да има законски механизми за заштита на своите државни и национални интереси, вклучително и од дејствувања што се организираат или спроведуваат од странство.

CATEGORIES
Share This