ТАГА ВО ШПАНИЈА Погребан фудбалерот Хесус де Мигел, последна почит му оддадоа Реал Мадрид и Барселона
Голем број луѓе се собраа во родното место на неговите родители за последно збогување со 30-годишниот напаѓач на Тенерифе, кој почина по тешкиот судир со голманот на Андора.

Во родното место на неговите родители, Навахермоса, во близина на Толедо, денеска беше погребан фудбалерот на Тенерифе, Хесус де Мигел, кој почина на 30-годишна возраст. Голем број луѓе излегоа на улиците за последен пат да му оддадат почит, а меѓу присутните беа и високи претставници на Шпанската фудбалска федерација, Реал Мадрид и Барселона.
Последното испраќање започна со бдеење во општинската мртовечница, продолжи со погребна литургија во црквата „Сан Мигел Арканхел“, а заврши на локалните гробишта, пренесува „Мундо Депортиво“.
Шпанската фудбалска федерација ја претставуваа претседателот Рафаел Лоусан, селекторот Луис де ла Фуенте и спортскиот директор Аитор Каранка, кои присуствуваа за да му дадат поддршка на семејството и најблиските на починатиот фудбалер.
Во име на Реал Мадрид, последна почит му оддадоа претседателот Флорентино Перез и директорот за институционални односи Емилио Бутрагењо. Барселона беше претставена од Хуан Мануел Асенси, претседател на здружението на поранешни играчи, и Хозе Рамон Алексенко, директор на младинската академија.
На погребот присуствуваа и неговите соиграчи и членовите на стручниот штаб на Тенерифе, како и поранешни соиграчи од Кастељон и Навалкарнеро.
Хесус де Мигел почина во вторникот, еден ден по тешкиот судир со голманот на Андора, Хесус Овоно, за време на натпревар од втората шпанска лига. Неговата смрт предизвика голема тага во шпанскиот фудбал.

