ЗЕЛЕНСКИ БАРА 16 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ОД САД Нови разговори со НАТО и ЕУ за безбедноста на Украина
По средбите во Брисел, украинскиот претседател најави нова дипломатска стратегија и повторно инсистирање на американската помош што претходно беше ставена на чекање. Во фокусот е и трилатералниот состанок во Абу Даби.

Украина подготвува нова дипломатска офанзива кон западните партнери, а во фокусот се безбедносните гаранции, претстојните разговори во Абу Даби и дополнителната американска помош од 16 милијарди долари, која претходно беше ставена на чекање.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека безбедносните гаранции за Украина и подготовките за трилатералниот состанок во Абу Даби биле главните теми на разговорите одржани на 4 и 5 ноември во Брисел, на кои учествувале претставници на Украина, Европската Унија, НАТО и САД. Зеленски нагласи дека е особено важно во процесот да бидат вклучени сите западни партнери кои учествуваат во разговорите за идната безбедност на Украина.
„Важно е сите претставници што се занимаваат со безбедносните гаранции – ЕУ, НАТО и Американците – да учествуваат на состанокот во Брисел“, изјави Зеленски, пренесе „Укринформ“.
Покрај безбедносните прашања, украинскиот претседател најави дека Киев треба повторно да инсистира на добивање американска помош во вредност од 16 милијарди долари, која претходно беше ставена на чекање. Во интервју за украинската телевизија TSN, Зеленски оцени дека по изборите во САД се отвора можност за ново позиционирање на Украина и за зајакнување на поддршката од Вашингтон.
„Украина мора брзо да се прилагоди на новиот политички пејзаж во Соединетите Американски Држави. Треба да ја зајакнеме двопартиската поддршка што веќе ја имаме. Со оглед на промената во рамнотежата на моќта, треба ефикасно да го структурираме нашиот дијалог. Сега нашите шанси за добивање дополнителна помош од САД би можеле да се зголемат“, изјави Зеленски.
Тој порача дека Украина нема друга опција освен да продолжи да ги зајакнува своите капацитети, најмалку до завршувањето на војната.

