ПАРАДОКС: ЕУ и САД ЈА ПОДРЖУВААТ ТРАФИГУРА Македонија ја држи Иловица во место
Брисел бара нова законска рамка за критични суровини, додека компанијата поврзана со проектот Иловица-Штука развива стратешки рударски и енергетски партнерства во Европа и САД.

Европската Унија очекува Македонија да ги усогласи своите политики со европските правила за критични суровини и да донесе соодветна законска рамка за искористување на минералните ресурси. Во најновиот извештај на Европската комисија се посочува дека земјата има потенцијал за инвестиции во железо, никел, бакар и цинк, кои се важни за европската индустрија и сигурноста на снабдувањето.
Брисел предупредува дека Македонија сè уште треба да ја усогласи законската регулатива и да овозможи интегрирање во европските синџири на вредности за критични суровини.
Властите најавија нови закони за рударство и геологија, со кои би се утврдиле листи на стратешки и критични минерали и би се овозможило одредени рударски инвестиции да добијат статус на „стратешки проекти“, со побрзи процедури за дозволи.
Еден од проектите што се поврзуваат со овој потенцијал е Иловица-Штука, каде што е планирана инвестиција во бакар. Зад проектот стои „Еуромакс Ресоурцес“, во која мнозински сопственик е мултинационалната компанија „Трафигура“.
Интересно е што „Трафигура“ веќе учествува во проекти поврзани со критични суровини и стратешки инвестиции во Европа. Пример е романскиот проект за бакар и злато „Долина Ровина“, кој се најде на листата на стратешки проекти на Европската Унија.
Компанијата во меѓувреме ја проширува соработката и со американски партнери во областа на критичните метали, рециклирањето батерии и енергетиката. Неодамна склучи и договори со американската CVR Energy за поддршка на преземањето две рафинерии во САД, во трансакција во која нејзината инвестиција и поддршка ќе надминат една милијарда долари.
Значајни се и партнерствата со Германија, вклучително и договорите за снабдување со природен гас и критични метали, поддржани со германски државни гаранции.
Наспроти овие меѓународни активности, проектот Иловица-Штука во Македонија и натаму се соочува со пречки. Инвеститорот претходно најави почетна инвестиција од над 340 милиони евра во првите две години од изградбата на рударскиот комплекс.
Така, во момент кога Европската Унија и САД вложуваат напори да обезбедат сигурни извори на критични суровини и да ја намалат зависноста од трети пазари, Македонија се соочува со предизвикот како сопствениот минерален потенцијал да го претвори во реални инвестиции, со почитување на законите, еколошките стандарди и интересите на локалното население.

