ТРАМП ПОД ПРИТИСОК ПО ИЗБОРНИОТ ПОРАЗ Дали се откажува од нов голем напад врз Иран
Демократите освоија мнозинство во двата дома на Конгресот, цените на енергијата растат, а војната влегува во ќорсокак.

Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со сериозен политички притисок по изборниот пораз на Републиканската партија, што може да ги промени и плановите на Вашингтон за војната со Иран. Наместо нов голем воен напад, сè повеќе се наметнува можноста за дипломатско решение, анализира „Блумберг“.
Среднорочните избори одржани на 3 ноември покажале растечко незадоволство кај американските гласачи од воената политика на Трамп. Демократите освоија мнозинство во двата дома на Конгресот, додека републиканците загубија позиции и во традиционални упоришта како Тексас, Охајо, Канзас и Јужна Каролина.
Според „Блумберг“, конфликтот со Иран, кој трае веќе девет месеци, наместо очекуваната брза воена победа, влезе во ќорсокак. Цените на енергијата пораснаа, американските залихи на пресретнувачки ракети се намалуваат, а иранското раководство и натаму останува на власт и покрај поморската блокада и нападите.
Дополнителен притисок врз Трамп претставува и незадоволството на американската јавност. Според податоците објавени од „Американ Политико“, поддршката за демократите пораснала за 15 процентни поени во споредба со изборите во 2024 година, додека кај гласачите со латиноамериканско потекло поместувањето изнесувало 28 процентни поени.
И покрај притисокот, Иран не покажува подготвеност за отстапки, а неговите лидери предупредуваат на сериозни последици доколку Вашингтон нареди нов масовен напад.
Според анализата на „Блумберг“, Трамп сега се соочува со тешка политичка и воена пресметка: дали да ја продолжи ескалацијата со Иран или да побара дипломатски излез од конфликтот што веќе има сериозни последици и врз американската внатрешна политика.

