ПОЗНАТИ ИДЕНТИТЕТИТЕ НА ДВЕТЕ ЖРТВИ ВО БОГДАНЦИ Билјана Кириќ и Виктор Гунтаров, таа претходно пријавувала насилство

17-годишната Билјана Кириќ претходно пријавувала физичко насилство и закани по живот од Виктор Гунтаров (21), кому му биле изречени мерки за забрана за приближување.

ПОЗНАТИ ИДЕНТИТЕТИТЕ НА ДВЕТЕ ЖРТВИ ВО БОГДАНЦИ Билјана Кириќ и Виктор Гунтаров, таа претходно пријавувала насилство
Фото: Принтскрин

Нов случај на насилство со трагичен исход го потресе Богданци. Билјана Кириќ е девојката која го загуби животот во трагичниот настан во кој животот го загуби и 21-годишниот Виктор Гунтаров, со кого претходно била во љубовна врска.

Национал дознава дека Билјана подолго време била изложена на физичко насилство, закани и малтретирање од страна на партнерот. Таа го пријавувала насилството во полиција, а на Гунтаров му биле определени мерки за заштита од семејно насилство, односно забрана за приближување.

Сепак, според сведоштвото на членот на семејството, насилството продолжило, а девојката сакала да ја прекине врската, но не успеала да се ослободи од насилниот партнер.

„Беше мило девојче. Учеше средно медицинско училиште. Одеше на пракса во гевгелиската болница. Не можеа да ја оттргнат од него. Долго ја малтретираше. Имаат потфрлено сите органи, но најмногу социјалното“ велат луѓе од поширокот семејство на Билјана.

Според првичните информации од Обвинителството, индициите упатуваат на убиство и самоубиство, но најавуваат дека сите околности ќе бидат целосно испитани. Неофицијално, обезбедени се и снимки од видеонадзор на кои се гледа како Гунтаров ја зема девојката со автомобил и се упатува кон местото каде што подоцна се случила трагедијата.

Од Обвинителството потврдуваат дека Билјана на 16 октомври го пријавила Гунтаров за загрозување на сигурноста.

„По пријавата веднаш започна да се постапува, а во меѓувреме во граѓанска постапка на лицето му биле определени мерки за заштита од семејно насилство“, информираат од Обвинителството.

Особено загрижувачки се и претходните пријави за насилство. На 1 октомври, таткото на девојката, Џоко Кириќ, пријавил дека неговата тогаш 17-годишна ќерка била физички нападната и добивала закани по живот од 21-годишниот Гунтаров.

Според пријавата, настанот се случил во семејната куќа на Гунтаров во Богданци, по претходна вербална расправија. На девојката ѝ било заканувано доколку се обиде да си замине, а Гунтаров ѝ го оштетил мобилниот телефон за да не може да повика полиција.

Девојката успеала да избега преку прозорец, по што случајни минувачи ѝ помогнале и повикале полиција. Таа била пренесена во Итната медицинска помош во Гевгелија.

Од МВР информираат дека Гунтаров бил лишен од слобода на 1 октомври во 01:09 часот, по што бил извршен службен разговор. На 14 октомври, ОВР Гевгелија поднела кривична пријава против него за телесна повреда според член 130 став 2 од Кривичниот законик.

Според официјалните информации на Министерството за внатрешни работи, вчера во 18:40 часот било пријавено дека на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село во Богданци, е забележан опожарен паркиран автомобил, во чија близина имало безживотно тело.

Полициските службеници што пристигнале на местото констатирале дека во близина на возилото има машко лице без знаци на живот, за кое било утврдено дека станува збор за В.Г. (21) од Богданци.

По локализирањето на пожарот, во автомобилот било забележано и опожарено лице без знаци на живот. Смртта на машкото лице ја констатирала екипа на Итната медицинска помош од Општата болница во Гевгелија.

За случајот бил известен јавен обвинител од ОЈО Гевгелија, извршен бил увид, а по наредба на обвинителот телата биле дадени на обдукција.

Случајот во Богданци повторно го отвори прашањето за навремената институционална заштита на жртвите на семејно и партнерско насилство, особено кога насилството е претходно пријавено, а постојат и изречени мерки за заштита.

ПРИЈАВИЛА ЗАКАНИ, ДОБИЛ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА, А СЕГА ДВАЈЦА СЕ МРТВИ Страшна трагедија кај Богданци

CATEGORIES
Share This