МАРТА КОС НЕ ОТСТАПУВА Без почитување на договорите со Грција и Бугарија и уставни измени нема напредок кон ЕУ

Брисел бара уставни измени и спроведување на договорите со Грција и Бугарија, додека извештајот предупредува на широко распространета корупција, застој во медиумските слободи и слабости во правосудството.

МАРТА КОС НЕ ОТСТАПУВА Без почитување на договорите со Грција и Бугарија и уставни измени нема напредок кон ЕУ
Фото: Принтскрин

Европската комисија во најновиот Извештај за напредокот на Македонија кон Европската Унија констатира ограничени резултати во реформските процеси, сериозни слабости во владеењето на правото и целосен застој во клучниот политички услов за продолжување на пристапните преговори со усвојувањето на уставните измени.

Иако земјата бележи одреден напредок во спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, Брисел повторно нагласува дека без уставните измени, предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, нема натамошно придвижување на преговорите.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, при претставувањето на Пакетот за проширување за 2026 година, порача дека условите за напредок се јасни, оценувајќи дека Македонија сè уште ја држи „рачната кочница“ на евроинтегративниот процес.

Комисијата бара и доследно спроведување на договорите со Грција и Бугарија, нагласувајќи дека добрососедските односи остануваат важен дел од пристапниот процес. Во извештајот се нотира дека историската комисија со Бугарија одржала четири состаноци, но без конкретни резултати.

Една од најкритичните оценки во извештајот се однесува на корупцијата, за која Европската комисија констатира дека останува широко распространета и дека во борбата против неа не е постигнат напредок.

Особена загриженост предизвикуваат случаите на корупција на високо ниво, кои често се одложуваат и застаруваат, создавајќи впечаток на неказнивост. Како дополнителен проблем се посочуваат измените на Кривичниот законик, кои влијаеле врз постапувањето во одредени предмети.

Од властите се бара да обезбедат подобри резултати во истрагите, обвиненијата и правосилните пресуди за висока корупција, како и поефикасна конфискација на имот стекнат на незаконски начин.

Во правосудството е забележан одреден напредок, вклучително и преку усвојувањето нови закони за Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Сепак, независноста и финансиската автономија на судството и обвинителството остануваат под притисок поради политичките влијанија и недостигот од човечки и финансиски ресурси.

Европската комисија не регистрира напредок ниту во областа на слободата на изразување и медиумските слободи. Македонија останува на одредено до умерено ниво на подготвеност, со сериозни слабости во функционирањето на медиумскиот систем.

Особено се посочуваат ограничената финансиска и административна независност на медиумскиот регулатор и јавниот радиодифузен сервис.

Брисел бара поголема транспарентност во сопственоста на медиумите и распределбата на јавните средства за државно рекламирање, како и поефикасно постапување во случаите на закани и насилство врз новинарите.

Забелешки има и за функционирањето на демократските институции. Изборното законодавство сè уште не е усогласено со голем број препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, а недоволно се адресирани изборните дезинформации и странското информациско влијание.

Парламентот, според Комисијата, само делумно ефикасно ги извршува своите функции. Политичката поларизација го отежнува постигнувањето консензус за реформските закони, особено за оние за кои е потребно квалификувано мнозинство, а повторно е зголемена и употребата на скратени законодавни постапки.

Позитивни оценки се забележуваат во реформата на јавната администрација, особено во проширувањето на електронските услуги и дигитализацијата на јавните сервиси.

Усвоен е патоказот за реформата на јавната администрација, продолжува работата на патоказот за владеење на правото и акцискиот план за правата на припадниците на заедниците, додека во подготовка е и патоказот за функционирањето на демократските институции.

Сепак, Комисијата предупредува на проблеми со вработувањето, управувањето и професионализацијата на администрацијата, како и на сериозни недостатоци во правилата за избор и разрешување на високите раководители.

Граѓанското општество генерално работи во поволна средина, но организациите се соочуваат со ограничено и несигурно финансирање. Забележани се и случаи на заплашување, онлајн-вознемирување и кампањи за дискредитација на активисти и бранители на човековите права.

Во економскиот дел од извештајот, Македонија добива оценка за добро ниво на подготвеност за функционирање на пазарната економија, но напредокот во изминатиот период е ограничен.

Европската комисија нотира забрзување на економскиот раст и стабилен банкарски сектор, но предупредува на големата неформална економија, слабостите во управувањето со јавните инвестиции и иселувањето на квалификуваната работна сила.

Меѓу предизвиците се наведуваат и недостигот од соодветни вештини на пазарот на трудот и големиот родов јаз во вработувањето.

Позитивни резултати се забележани во дигиталната трансформација, науката и истражувањето, како и во надворешната и безбедносната политика. Македонија и натаму е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, вклучително и со европските позиции и рестриктивните мерки поврзани со руската агресија врз Украина.

За застојот во македонските евроинтеграции се дискутираше и во Европскиот парламент, каде известувачот за Македонија, Томас Вајц, побара поголем дипломатски ангажман од Европската комисија за надминување на спорот со Бугарија. Од друга страна, бугарските европратеници инсистираа дека добрососедските односи се составен дел од пристапните критериуми.

Според оценката на Марта Кос, Македонија е меѓу земјите кај кои пристапниот процес бележи застој, заедно со Босна и Херцеговина и Косово.

Како земји со најголем напредок во евроинтегративниот процес се издвоени Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија.

Општата оценка на Европската комисија е дека Македонија продолжува со техничките подготовки за членство и бележи одредени резултати во реформските процеси, но сериозните проблеми со корупцијата, владеењето на правото и медиумските слободи остануваат нерешени.

Клучната политичка порака од Брисел, сепак, останува непроменета: без уставните измени нема отворање на следната фаза од пристапните преговори со Европската Унија.

БРИСЕЛ ПОВТОРНО ЈА ПОТСЕТИ МАКЕДОНИЈА Уставни измени, експертската комисија и договорите со Бугарија и Грција се клучни

CATEGORIES
TAGS
Share This