МИЦКОСКИ ОД ДИСЕЛДОРФ 15 години не држат надвор од ЕУ со вештачки прашања, сега измислуваат нови услови
Премиерот порача дека членството во Европската Унија значи додавање европски вредности, а не промена на македонскиот идентитет.

Македонија веќе 15 години останува надвор од Европската Унија поради вештачки прашања, а сега повторно се соочува со ново вештачко барање од земја членка. Ова е пораката што премиерот Христијан Мицкоски ја упати од Диселдорф, каде учествуваше на Самитот посветен на отпорноста во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија.
Говорејќи на панелот „Отпорност како императив за севкупното општество“, Мицкоски оцени дека билатералните прашања наметнати од земјите членки врз кандидатите не се само проблем за државите што се обидуваат да станат дел од Унијата, туку и сериозен удар врз нејзината сопствена отпорност.
„Македонија веќе 15 години не е членка на ЕУ заради вештачки прашања. Сега се соочуваме со вештачко барање од земја членка на ЕУ, а сето тоа може да се гледа и како рушење на отпорноста на ЕУ. Кога постои таква дупка во системот, тогаш станува збор за ранливост на системот. Не секогаш рушењето на системот е предизвикано од оружје, туку и со други ресурси. Затоа е потребна робусна акција на ЕУ кога земја кандидат се бори со прашања од минатиот век поставени од земја членка на ЕУ“ порача Мицкоски.
Премиерот нагласи дека европската интеграција не смее да значи откажување од националниот идентитет, туку прифаќање и надградување на европските вредности.
„Членството во ЕУ значи промена со додавање вредности, а не промена на идентитет“ дециден е Мицкоски.
Тој потсети дека Македонија го започнала европскиот пат пред 26 години, дури и пред Хрватска, која денес е полноправна членка на Унијата. Мицкоски истакна дека земјата е членка на НАТО, целосно усогласена со надворешната политика на ЕУ и дека придонесува во заштитата на европските граници од нелегална миграција.
„Се бориме за нашите права, дел сме од НАТО, целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ, ја штитиме ЕУ од нелегална миграција и така ќе продолжиме“ порача премиерот во објавата на својот Фејсбук-профил.
Од Диселдорф, Мицкоски повторно ја отвори суштинската дилема за европската перспектива на Македонија: дали Европската Унија ќе ги штити сопствените принципи и критериуми или ќе дозволи нејзините членки да го претвораат процесот на проширување во заложник на билатерални и историски спорови.

