ЛАГАРД ЈА НАПУША ЕЦБ ПРЕДВРЕМЕ Макрон брза да го избере нејзиниот наследник пред изборите

Претседателката на ЕЦБ ќе замине девет месеци пред истекот на мандатот, повикувајќи се на потребата од слобода на говорот и можност да зборува за глобалните случувања.

ЛАГАРД ЈА НАПУША ЕЦБ ПРЕДВРЕМЕ Макрон брза да го избере нејзиниот наследник пред изборите
Фото: Принтскрин

Кристин Лагард најави дека предвреме ќе ја напушти функцијата претседателка на Европската централна банка (ЕЦБ), отворајќи простор за избор на ново раководство на една од највлијателните финансиски институции во светот.

Наместо до октомври 2027 година, како што предвидуваше нејзиниот осумгодишен мандат, Лагард ќе замине во март следната година. Како главна причина ја посочи желбата да има поголема слобода на изразување и да може јавно да зборува за глобалните политички и економски случувања, без ограничувањата што ги носи функцијата.

„Ме интересира вистината, а гледам дека таа често се нарушува и дека ѝ противречат различни дезинформации“, порача Лагард.

Таа нагласува дека повеќе не се чувствува удобно да молчи за прашања што ги надминуваат границите на монетарната политика. Нејзината најава ги заврши повеќемесечните шпекулации за иднината во ЕЦБ, но истовремено отвори нови прашања за политичката заднина на нејзиното заминување.

Лагард одлуката ја соопшти на крајот од прес-конференцијата на која беше потврдена одлуката на ЕЦБ за задржување на каматните стапки. Таа објасни дека строгите правила за неутралност ги ограничуваат функционерите на централната банка во учеството во пошироките јавни дебати.

„Мораме да бидеме неутрални. За ситуацијата коментираме исклучиво низ призмата на монетарната политика“, изјави Лагард.

Таа оцени дека тоа е цената што мора да се плати за независноста на институцијата. Сепак, по повеќе од две децении поминати на високи меѓународни финансиски функции, таа смета дека има уште многу што може да придонесе во јавниот дискурс.

Зад предвременото заминување на Лагард се отвора и сериозна политичка димензија. Според медиумските информации, францускиот претседател Емануел Макрон ја поттикнал да ја напушти функцијата порано, со што би се овозможило изборот на нејзиниот наследник да заврши пред претседателските избори во Франција во април 2027 година.

На тој начин Макрон би учествувал во изборот на новиот претседател на ЕЦБ додека сè уште е во Елисејската палата, пред евентуалната победа на кандидат од крајната десница или крајната левица.

Економистот Холгер Шмидинг од германската банка „Берeнберг“ смета дека Европската Унија се обидува да се заштити од можноста Марин Ле Пен да победи на изборите и да влијае врз идните европски политички и институционални односи. Макрон, пак, изјави дека промената на раководството на ЕЦБ мора да се подготви на уреден и избалансиран начин, во соработка со европските партнери.

Предвременото заминување ја отвора трката за раководната позиција во централната банка, која ја води монетарната политика на еврозоната. Меѓу имињата што се споменуваат како можни наследници се:

  • Клас Кнот – поранешен гувернер на Холандската централна банка.

  • Пабло Ернандес де Кос – поранешен гувернер на Шпанската централна банка.

  • Јоаким Нагел – претседател на Германската централна банка.

  • Надија Калвињо – претседателка на Европската инвестициска банка.

Новиот претседател го именува Европскиот совет, во кој членуваат шефовите на државите и владите на земјите членки на ЕУ. Лагард порача дека процесот за избор на наследник веќе започнал и дека има „многу одлични кандидати“.

Паралелно со шпекулациите за нејзиното заминување, Лагард се споменува и како можна наследничка на раководната позиција во Светскиот економски форум (WEF). Организацијата, позната по годишниот собир во Давос, се наоѓа во процес на промени по повлекувањето на нејзиниот основач Клаус Шваб минатата година, по обвинувањата за финансиски и етички неправилности кои тој ги отфрла.

Евентуалното преземање на оваа функција би ѝ овозможило на Лагард да продолжи со меѓународниот ангажман, но во улога што не носи исти ограничувања како раководењето со централна банка. Лагард ја презеде функцијата во декември 2019 година, непосредно пред избувнувањето на пандемијата на коронавирусот.

Нејзиниот мандат го одбележаа пандемијата, економските последици од војната во Украина, енергетската криза и глобалните трговски тензии. Во моментот на нејзината најава за заминување, ЕЦБ се соочува со нови инфлациски притисоци. Депозитната каматна стапка е задржана на 2,5 проценти, додека инфлацијата достигнала 3,8 проценти.

Промената на раководството доаѓа во период кога европската економија се соочува со слаб раст и неизвесност, па изборот на нов претседател ќе има значење не само за финансиските пазари туку и за идната економска политика на Европската Унија.

Лагард заминува со порака дека сака слободно да зборува за глобалните проблеми. Но, нејзината оставка истовремено ја отвора битката за влијание врз една од најважните европски институции и тоа непосредно пред изборите во Франција.

CATEGORIES
Share This