ОД ОБСЕ ДО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ Ердоган има голем дипломатски план
Анкара официјално ја поднесе кандидатурата на актуелниот генерален секретар на ОБСЕ и поранешен шеф на турската дипломатија, Феридун Синирлиоглу, за највисоката функција во Обединетите нации.

Турција официјално го номинираше Феридун Синирлиоглу, поранешен министер за надворешни работи и актуелен генерален секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), за функцијата генерален секретар на Обединетите нации.
Со овој потег Анкара влегува во дипломатската трка за една од највлијателните позиции во меѓународните односи.
Постојаниот претставник на Турција во ОН, Ахмет Јилдиз, потврди за турската новинска агенција Анадолу дека официјалното писмо со кандидатурата на Синирлиоглу е доставено до претседателството на Генералното собрание на Обединетите нации.
Според Јилдиз, номинацијата ја има целосната поддршка од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Турскиот претседател ја поддржал кандидатурата поради професионалните квалификации, дипломатските способности и долгогодишното меѓународно искуство на Синирлиоглу, како и довербата што ја има во него.
Синирлиоглу важи за искусен дипломат, кој во текот на својата кариера извршувал значајни функции во турската надворешна политика, а во моментов се наоѓа на чело на ОБСЕ.
Неговата кандидатура сега ќе биде дел од постапката за избор на нов генерален секретар на ОН, во која клучна улога има Советот за безбедност, а конечната одлука ја носи Генералното собрание по препорака на Советот.

