МИЦКОСКИ ОД БРВЕНИЦА Сиромаштијата нема националност, корупцијата не прашува на кој јазик зборувате

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека општината мора да се развива без етнички поделби, упати критики кон ДУИ и ги повика граѓаните в недела да гласаат за бројот 1.

МИЦКОСКИ ОД БРВЕНИЦА Сиромаштијата нема националност, корупцијата не прашува на кој јазик зборувате
Фото: Принтскрин

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, од завршниот митинг во Брвеница повика на обединување на граѓаните и поддршка за кандидатот за градоначалник Стојанчо Радичевски – Цоки, на вториот круг од локалните избори в недела, 1 ноември.

„Една Брвеница за сите“ беше главната порака на митингот, на кој Мицкоски истакна дека развојот на општината, подобрите услови за живот и иднината на младите треба да бидат поважни од етничките и политичките поделби.

Тој порача дека патриотизмот се докажува со дела, чесна работа и одговорност, а не со националистички пароли, обвинувајќи ја ДУИ дека во долгогодишното владеење повеќе се занимавала со политички интереси отколку со проблемите на граѓаните.

„Сиромаштијата нема националност. Корупцијата не прашува на кој јазик зборувате. Кога политичарите работат за себе наместо за народот, штетата ја плаќаат сите“  рече Мицкоски.

Тој се осврна и на соживотот во Брвеница, раскажувајќи за својата посета на Теново, каде што во близина се наоѓаат џамија и црква. Според него, жителите со децении живеат заедно и меѓусебно се почитуваат, додека одредени политичари се обидуваат да ги поделат.

Мицкоски ја критикуваше и поранешната власт, обвинувајќи ја ДУИ дека не понудила доволно конкретни проекти за Брвеница, додека посочи дека актуелната влада инвестира во училишта, спортски сали, игралишта и патишта. Тој ја нагласи и потребата од создавање услови младите да останат во Македонија, со подобри плати, можности за работа и сигурна иднина.

„Како претседател на Владата имам обврска да работам за Македонија да стане земја во која заминувањето нема да биде нужност, туку избор“ порача Мицкоски, повикувајќи ги жителите на Брвеница да гласаат за Радичевски и бројот 1.

Во говорот тој се осврна и на случајот со модуларната болница, критикувајќи ја одлуката на судот од 22 октомври за ослободување на обвинетите. Мицкоски изнесе тврдења за нивната блискост со раководството на ДУИ, како и критики за состојбите во правосудството.

Кандидатот за градоначалник Стојанчо Радичевски порача дека општината мора да работи во интерес на сите жители, без оглед на нивната етничка, верска или политичка припадност. Како главни приоритети ги посочи проблемите со водоснабдувањето, локалните патишта, зимското одржување, условите во училиштата и можностите за младите.

Радичевски нагласи дека секое населено место заслужува внимание, а секој граѓанин почит и еднакви можности за подобар живот.

„Брвеница не припаѓа на една партија, ниту на една етничка заедница. Таа е на сите што живеат овде. Развојот на општината не смее да познава поделби“ истакна Радичевски.

Тој вети посветеност на инфраструктурата, квалитетното образование и економскиот развој, со цел младите да можат да работат, да создаваат семејства и да ја градат својата иднина во родниот крај. На крајот, Радичевски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање в недела и да го заокружат бројот 1, со порака за заедништво, развој и подобра иднина за сите жители на Брвеница.

CATEGORIES
TAGS
Share This