ИЗЈАВИТЕ НА ДРАГАН ПАВЛОВИЌ СЕ ЛАЖНИ Ристоска бара јавно извинување поради невистини во „Само вистина“

Ристоска предупредува дека ваквите јавни напади не само што го нарушуваат нејзиниот личен и професионален интегритет, туку и можат директно да влијаат врз исходот од нејзината кандидатура, бидејќи, како што објаснува, постапката за избор на кандидатите е во чувствителна фаза, а Владата сѐ уште не се произнела по предлогот на комисијата.

ИЗЈАВИТЕ НА ДРАГАН ПАВЛОВИЌ СЕ ЛАЖНИ Ристоска бара јавно извинување поради невистини во „Само вистина“
Фото: Фејсбук

Обвинителката Ленче Ристоска побара јавно извинување од новинарот Драган Павловиќ  откако, како што тврди, била мета на неосновани и клеветнички изјави поврзани со нејзината кандидатура за судија во Европскиот суд за човекови права.

Во објава на нејзиниот Фејсбук профил, Ристоска истакнува дека поднела официјално барање за извинување до Латас заради, како што наведува, лажни тврдења изнесени во емисијата „Само вистина“, емитувана на Канал 5 телевизија на 16 мај 2025 година.

„Во емисијата беше изнесено лажно тврдење дека неовластено сум земала износ од 100.000 евра, според наводи од Агенцијата за борба против корупција, како и дека немам ни стаж,“ напиша Ристоска, прецизирајќи дека спорните изјави биле дадени во интервалот помеѓу 12:32 и 12:52 минута од вториот дел од снимката.

Таа категорично ги демантира овие наводи, посочувајќи дека Државната комисија за спречување на корупцијата никогаш не покренала постапка против неа во врска со нејзините примања како обвинител во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Ристоска предупредува дека ваквите јавни напади не само што го нарушуваат нејзиниот личен и професионален интегритет, туку и можат директно да влијаат врз исходот од нејзината кандидатура, бидејќи, како што објаснува, постапката за избор на кандидатите е во чувствителна фаза, а Владата сѐ уште не се произнела по предлогот на комисијата.

„Во ред е некој да смета дека постојат и подобри кандидати од мене за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права, но изјавите и коментарите кои се даваат во јавноста мора да бидат базирани на точни и проверени информации,“ нагласува Ристоска, повикувајќи на објективна и аргументирана јавна дебата.

CATEGORIES
Share This