ГРУБИ БЕШЕ ШЕФОТ Сведок откри како се носеле одлуките во Лотарија
Андреј Крстевски сведочеше за наводен притисок од Владата, кратки рокови за одлучување и набавка на ВЛТ терминали за која дознал откако била завршена. Одбраната на Бајрами тврди дека нема финансиска штета.

Со сослушување на сведокот Андреј Крстевски, економист и советник за имплементирање проекти во АД „Државна лотарија“, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на претпријатието Перпарим Бајрами.
Во фокусот на рочиштето беа начинот на носење одлуки во државното претпријатие, набавката на видеолотариски терминали и односите меѓу двајцата поранешни функционери. Особено внимание предизвика сведочењето на Крстевски за начинот на кој Бајрами се обраќал за Груби.
„Освен тоа дека беа пријателски, беа од иста партија и учествуваа на партиски собири, директорот Бајрами го ословуваше Груби како ‘шефот’ и во суперлатив“, изјави сведокот.
Крстевски, кој во различни периоди бил член на Надзорниот и Управниот одбор, како и заменик-директор во Државна лотарија, сведочеше за разликите во функционирањето на претпријатието во времето кога со него раководеле Катица Николова-Парнакова и Перпарим Бајрами. Според него, додека Николова-Парнакова била директорка, членовите на органите добивале повеќе време за разгледување на материјалите и дополнителни образложенија пред донесувањето одлуки. Состојбата, како што посочи, се променила кога Бајрами ја презел директорската функција.
„Во време на Перпарим, материјалите се доставуваа подоцна, беше пократко времето за размислување и изјаснување“, рече Крстевски.
Тој сведочеше и за постапката за основање на „Ново ВЛТ“, поврзана со организирањето електронски игри на среќа.
„Тоа беше непосредно пред завршувањето на мојот мандат во Надзорниот одбор. Беше доставено буквално во пет до 12 и требаше да се изјасниме во најкус можен рок. Колешката бараше побрзо да се изјасниме, бидејќи имало притисок од Владата“, изјави сведокот.
Според неговото сведочење, поранешната директорка Николова-Парнакова се противела на идејата за основање на „Ново ВЛТ“, а тој смета дека токму тоа било причина за нејзината смена.
Еден од клучните делови на сведочењето се однесуваше на набавката на ВЛТ терминалите, која е во центарот на обвинението. Крстевски изјави дека Бајрами лично го повикал во својот кабинет и му ја претставил идејата за набавка на апарати за електронски игри на среќа. Според сведокот, образложението било дека со набавката треба да се разбие постојниот монопол. Иако во тој период бил член на Управниот одбор, Крстевски тврди дека не добил материјали врз основа на кои формално би се изјаснил за конкретната набавка.
„Тогаш бев член на Управниот одбор, но до мене не стигнаа материјали да се изјаснам формално за тоа. Дека се набавуваат, дознав дури откако беа набавени“, рече тој.
Сведокот посочи дека терминалите не биле ставени во функција, бидејќи се чекале одредени решенија, и дека апаратите се наоѓаат во магацините на Државна лотарија.
Во текот на вкрстеното испрашување, Бајрами и неговата одбрана се обидоа да покажат дека постапките биле спроведувани врз основа на одлуки и документи на надлежните органи. Крстевски потврди дека членовите на Управниот одбор при одлучувањето се потпирале на мислењата на правната и финансиската служба.
Тој потврди и дека гласал за финансискиот план во кој била предвидена набавката, но нагласи дека финансискиот план претставува само рамка и дека за конкретна набавка од таков обем Управниот одбор требало дополнително да биде вклучен. Сведокот изјави дека постоеле и Вибер-групи за комуникација, но не можел да се сети дали преку нив се гласало. Потврди и дека во записниците немало забелешки за брзо или бавно гласање.
По завршувањето на рочиштето, адвокатот на Бајрами, Еленко Миланов, изјави дека за набавката постоеле одлука на Надзорниот одбор и заклучок на Владата. Според него, станува збор за органи чии одлуки имаат поголема тежина од одлучувањето на Управниот одбор.
Миланов го оспори и тврдењето дека со набавката е предизвикана финансиска штета. Тој посочи дека терминалите и натаму се сопственост на Државна лотарија и дека можат да бидат ставени во употреба, отстапени или продадени на правни субјекти кои имаат соодветни лиценци. Адвокатот најави дека вештите лица ќе зборуваат и за вредноста на набавената опрема. Според неговите тврдења, иако апаратите повеќе од една година се наоѓаат во магацин, нивната сегашна вредност е за околу 40 до 50 проценти повисока.
„Со тоа не може да зборуваме за постоење на штета“, оцени Миланов.
Овие тврдења на одбраната допрва треба да бидат оценети во судската постапка.
Според обвинението, обвинетите со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари, односно приближно 9,7 милиони евра. Обвинителството тврди дека незаконски била овозможена набавка на машини и видеолотариски терминали, како и самостојно приредување електронски игри на среќа, иако, според обвинителската теза, соодветното право веќе било доделено на компанијата поврзана со „Казино Австрија“.
Во обвинението се опфатени и одлуките на Владата поврзани со работењето на Државна лотарија, вклучително и седница со која претседавал Артан Груби. Покрај Груби и Бајрами, во предметот се обвинети Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Сите обвинети се изјасниле дека не се чувствуваат виновни.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, додека постапката ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски. Следното рочиште е закажано за 6 ноември, кога се очекува да продолжи изведувањето докази во предметот.
КАКО ДА ОСВОИЛ СВЕТСКО ПРВЕНСТВО Огномет и факели за Груби по излегувањето од куќен притвор

