80 ГОДИНИ НАРОДНА БАНКА Славески вети независност, стабилност и доверба

На свечената академија со државниот врв беа истакнати монетарната сувереност, европските стандарди и придобивките од членството во СЕПА, со намалени надоместоци за прекуграничните плаќања во евра.

80 ГОДИНИ НАРОДНА БАНКА Славески вети независност, стабилност и доверба
Фото: Национал

Народната банка одбележа 80 години централно банкарство, јубилеј што ја одбележува нејзината историска улога во развојот на монетарниот систем, зачувувањето на ценовната стабилност и јакнењето на довербата во финансискиот сектор. На Свечената академија во Музејот на Народната банка, гувернерот Трајко Славески порача дека стабилноста, довербата и одговорноста остануваат темелни принципи на институцијата.

„Стабилноста ќе остане јавно добро, довербата најскапоцениот капитал, а одговорноста наша обврска“, истакна Славески.

На настанот присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, претставници на дипломатскиот кор, меѓународните финансиски институции, бизнис-заедницата, како и сегашни и поранешни вработени во Народната банка. Гувернерот потсети дека довербата е основата врз која се гради успехот на секоја централна банка. Таа, како што нагласи, се зајакнува секојдневно преку јасни одлуки, отворена комуникација и доследна посветеност на јавниот интерес.

Тој ги истакна историските одлуки и процеси што придонеле Народната банка да изгради институционален идентитет и доверба, а државата да ја зацврсти својата монетарна сувереност и да обезбеди стабилност за граѓаните.

Во рамките на академијата беше прикажан и кусометражен филм, преку кој беа претставени најзначајните моменти, активностите и резултатите што го одбележале осумдецениското работење на централната банка.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека Народната банка во изминатите 80 години ги развила своите институционални, аналитички и оперативни капацитети, соочувајќи се со бројни домашни и меѓународни предизвици. Посебно ги истакна нејзината улога во одржувањето на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс, како и континуитетот во развојот на финансиските и економските односи. Според неа, осумдесетгодишното наследство е значајна основа за идниот развој, но истовремено претставува и обврска за натамошно унапредување на институционалните капацитети.

Славески ги посочи усогласувањето со европските и глобалните стандарди, унапредувањето на финансиската стабилност и зајакнувањето на аналитичките капацитети како важни резултати од реформскиот процес. Тој нагласи дека Народната банка го применува највисокиот статистички стандард СДДС плус и активно учествува во процесите на дигитализација и развој на финтек-иновациите. Како особено значајно достигнување го издвои членството во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА).

Според податоците што ги изнесе гувернерот, за помалку од една година надоместоците за прекуграничните плаќања во евра се намалиле до шест пати за граѓаните и до девет пати за компаниите. Ова, според Славески, е конкретен пример за придобивките од усогласувањето со европските финансиски стандарди и за ефектите што институционалните реформи можат да ги имаат врз граѓаните и стопанството.

На крајот од обраќањето, гувернерот вети дека Народната банка ќе продолжи да ги чува својата независност, професионалност и интегритет.

„Нашата генерација ја наследи оваа институција и нашата должност е да ја предадеме посилна, со повеќе знаење, со поголема доверба, со уште поцврсти институционални темели“, порача Славески.

Тој изрази надеж дека кога идните генерации ќе го одбележуваат стогодишниот јубилеј на македонското централно банкарство, ќе можат да кажат дека денешните раководители не биле само чувари на наследството, туку и генерација што го надградила за оние што доаѓаат.

CATEGORIES
Share This