ЛАГАРД СИ ЗАМИНУВА ОД ЕЦБ ПРЕД ИСТЕКОТ НА МАНДАТОТ Причините се мистерија

Претседателката на Европската централна банка ќе се повлече во февруари 2027 година, околу девет месеци пред истекот на мандатот. Причините за нејзината одлука засега не се соопштени.

ЛАГАРД СИ ЗАМИНУВА ОД ЕЦБ ПРЕД ИСТЕКОТ НА МАНДАТОТ Причините се мистерија
Фото: Принтскрин

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, ќе ја напушти функцијата на 7 февруари 2027 година, околу девет месеци пред истекот на нејзиниот осумгодишен мандат. Информацијата ја соопшти ЕЦБ, а ја пренесе „Еуроњуз“.

Веста за нејзиното предвремено заминување доаѓа во период кога финансиските пазари ја очекуваат најновата одлука на централната банка за каматните стапки. Засега не се откриени причините поради кои Лагард одлучила да се повлече порано од предвиденото.

Лагард за својата одлука го известила Советот на гувернери на ЕЦБ, телото задолжено за утврдување на монетарната политика во еврозоната, како и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Од Европската централна банка соопштија дека Советот на гувернери ѝ упатил благодарност на претседателката за нејзината работа.

Кошта, исто така, ѝ се заблагодари на Лагард за ангажманот од ноември 2019 година, кога таа застана на чело на една од најважните финансиски институции во Европа.

Процесот за избор на нов претседател на ЕЦБ ќе започне без одлагање, со цел да се обезбеди непречена транзиција кон новото раководство.

„За да се обезбеди непречена транзиција кон ново раководство во ЕЦБ, процесот за именување на нејзиниот наследник започнува денес и ќе се одвива без одлагање“, изјави Кошта.

Новиот претседател ќе го именува Европскиот совет, во кој членуваат лидерите на земјите-членки на Европската унија. Одлуката се носи со квалификувано мнозинство, врз основа на препорака од министрите за финансии на земјите-членки, по консултации со Европскиот парламент и Советот на гувернери на ЕЦБ.

Кристин Лагард претходно беше министерка за финансии на Франција и извршна директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). На функцијата претседателка на ЕЦБ дојде во ноември 2019 година. Шпекулациите за нејзиното предвремено заминување се појавија пред неколку месеци, но институцијата не ги откри причините за одлуката.

Според „Еуроњуз“, се очекуваше ЕЦБ на тогашниот состанок да ја задржи депозитната каматна стапка на 2,5 отсто. По објавувањето на одлуката, Лагард требаше да одржи прес-конференција.

CATEGORIES
Share This