ГОЛЕМА ПРОМЕНА ЗА ВОЈНИЦИТЕ На 45 години повеќе нема задолжително заминување од Армијата
Наместо да ја напуштат службата по навршувањето 45 години, ќе можат да продолжат како цивилни лица во Министерството за одбрана и Армијата, со договори на неопределено време.

Значајна промена за професионалните војници во Македонија. По повеќе децении, се отвора нова можност за продолжување на работниот ангажман и по навршувањето на 45-годишна возраст, со што се обезбедува поголема социјална и економска сигурност за припадниците на Армијата.
Наместо досегашните можности за заминување со испратнина или преминување во други државни институции, професионалните војници сега ќе можат да изберат да останат во системот на одбраната како цивилни лица, сè до исполнувањето на условите за пензионирање.
Во Министерството за одбрана денеска беа потпишани првите договори за вработување на неопределено време, со што практично започнува примената на новото решение.
Реформата овозможува трансформација на работниот статус од определено на неопределено време, што значи дека професионалните војници по достигнувањето на старосната граница за воена служба ќе можат да продолжат со работа на цивилни работни места во Министерството и Армијата. Од Министерството посочуваат дека решението е резултат на заедничката работа со синдикалните организации и Генералштабот.
Новата можност не ги укинува досегашните законски права на професионалните војници. Оние кои нема да се одлучат за продолжување на работниот ангажман како цивилни лица и понатаму ќе можат да ги користат постојните законски решенија.
Меѓу нив е и правото на испратнина во висина од две просечни плати во државата за секоја година помината во Армијата, како и можноста за преминување на работни места во органите на државната и локалната власт. Со тоа, професионалните војници добиваат дополнителна опција при одлучувањето за својата професионална иднина.
Од Министерството за одбрана и Генералштабот оценуваат дека професионалните војници, благодарение на долгогодишната обука и стекнатото искуство, претставуваат значаен кадровски потенцијал за одбранбениот систем. Нивното задржување на цивилни работни места треба да придонесе за подобро искористување на стекнатите знаења и вештини, но и за поголема стабилност на кадарот.
Со реформата, како што посочуваат надлежните, се прави чекор кон подобрување на статусот на професионалните војници и вреднување на нивниот придонес во безбедноста на Македонија.

