СКАНДАЛ ВО ЗДРАВСТВОТО Фондот плаќал, пациентите повторно плаќале – пет лица под истрага
Тројца вработени во Фондот за здравствено осигурување и две лица од приватна здравствена установа се опфатени со полициската акција. Министерот Клековски открива дека со години се повторувале неправилности, а една од најсериозните била двојната наплата на здравствените услуги.

Можна злоупотреба на средства од Фондот за здравствено осигурување, сомнежи за двојна наплата на здравствени услуги и неправилности што се повторувале со години се во центарот на големата полициска акција што ја спроведува Министерството за внатрешни работи.
Според информациите што ги соопшти министерот за здравство Сашо Клековски, во случајот се инволвирани пет лица – тројца од Фондот за здравствено осигурување и две лица од приватна здравствена установа која имала склучен договор со Фондот.
Еден од најсериозните сомнежи се однесува на двојната наплата на здравствени услуги. Имено, за одредени медицински услуги приватната установа добивала средства од Фондот, но истите услуги, под различни изговори и образложенија, дополнително им биле наплаќани и на пациентите.
Министерот Клековски откри дека денешната полициска акција е резултат на повеќемесечни активности и истрага што траела повеќе од една година. Тој потврди дека во случајот е опфатена една приватна здравствена установа, како и неколку лица од Фондот, а во фокусот се сомнежите за злоупотреба на финансиски средства од здравствениот систем.
„Се надевам дека МВР наскоро ќе излезе со повеќе детали. Можам само да ја потврдам акцијата, да ја потврдам соработката и да изразам голема благодарност на истрајноста и упорноста на вработените во МВР и на Јавното обвинителство“, изјави Клековски.
Особено загрижувачки е тврдењето на министерот дека здравствената установа и претходно била поврзувана со бројни неправилности, кои се повторувале со години. Клековски посочи дека уште додека бил директор на Фондот за здравствено осигурување ја иницирал истрагата, токму поради повторувањето на прекршоците и отсуството на соодветни санкции.
Според него, не станувало збор за изолирани случаи, туку за континуирано повторување на слични неправилности. Министерот изрази очекување дека случајот, на кој надлежните работеле во изминатите две години, конечно ќе добие институционална разрешница.
Тој најави дека се очекуваат кривични пријави и судска постапка, додека дополнителни информации за полициската акција треба да соопшти Министерството за внатрешни работи. Засега не се објавени името на приватната здравствена установа, идентитетот на инволвираните лица, ниту висината на средствата за кои постојат сомнежи дека биле злоупотребени.

