МАКЕДОНСКИ КОМПАНИИ НА САЕМОТ ВО КИНА – фокус на извоз и нови можности

Петнаесет македонски компании годинава ги претставуваат своите производи на 4-тиот Саем на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, што се одржува во Нингбо.

МАКЕДОНСКИ КОМПАНИИ НА САЕМОТ ВО КИНА – фокус на извоз и нови можности

Делегацијата од Македонија ја предводи заменик министерот за економија Марјан Ристески, кој ќе оствари и средба со кинескиот заменик министер за трговија Линг Џи.

На саемот учествуваат компании како Алтера Фуд, Витаминка, Виталија, Винчини, Техногума, Соко Горица, винариите Тиквеш, Стоби, Имако, Лепово и Крњево, како и М3ДС Академи. Македонските вина веќе се присутни на кинескиот пазар, а со ова учество се отвораат нови можности за извоз и проширување на трговската размена.

Темата на саемот е „Нова визија за иднината“, со фокус на економска, културна и технолошка соработка. Во рамки на програмата ќе се одржат бројни форуми, дијалози и инвестициски настани.

Саемот ќе се простира на 80,000 м² изложбен простор, со над 8,000 производи од 14 земји од ЦЕИ и 400 изложувачи. Учествуваат и водечки технолошки компании и иноватори од Кина, кои ќе претстават хуманоидни роботи, AR технологии, VR искуства и електрични авиони.

Трговска размена со Кина
Кина е четвртиот најголем трговски партнер на Македонија. Во 2024 година извозот изнесува 56,740 долари, а увозот над 1,16 милиони долари, што покажува голем трговски дефицит.

Македонија во Кина извезува вино, камен, фероникел и индустриски машини, а увезува електроника, челик, памук, гуми и широка потрошувачка.

Стратешка соработка
Од 2012 година, Кина и ЦЕИ развиваат соработка преку повеќе од 50 платформи и 500 практични мерки. Преку овој механизам се реализирани значајни инфраструктурни проекти во регионот, меѓу кои и автопатот Миладиновци – Штип, додека Кичево – Охрид сè уште се гради.

Ова претставување е можност за македонските компании да се вмрежат со над 3,000 прекуокеански купувачи и да го прошират своето присуство на огромниот кинески пазар.

CATEGORIES
Share This