66.821 ГРАЃАНИ СЕ ПРИЈАВИЛЕ ЗА ВАКЦИНА ПРОТИВ ГРИП Сите ќе добијат термин

Министерството за здравство најавува до 1.700 вакцинации дневно и вкупно 86.000 вакцини до крајот на ноември.

66.821 ГРАЃАНИ СЕ ПРИЈАВИЛЕ ЗА ВАКЦИНА ПРОТИВ ГРИП Сите ќе добијат термин
Фото: Принтскрин

Вкупно 66.821 граѓанин досега се пријавил за вакцинација против сезонски грип, а надлежните уверуваат дека вакцини ќе има за сите пријавени. Министерот за здравство, Сашо Клековски, порача дека граѓаните ќе добијат термин и ги повика да имаат трпение, додека вакцинацијата постепено се интензивира.

„Сезоната на грип е најизразена во јануари и февруари. Вакцинацијата спроведена до првата недела од јануари обезбедува навремена заштита“, изјави Клековски, посочувајќи дека вакцинацијата во Словенија и Хрватска ќе започне во ноември.

Од почетокот на кампањата на 14 октомври, во просек дневно се пријавуваат по 4.455 граѓани. Најголем интерес има кај лицата над 65 години, а потоа кај хронично болните. Најмногу пријави има во Скопје – 19.767, Битола – 4.845, Прилеп – 3.844, Струмица – 3.585 и Тетово – 3.581.

Досега се закажани 6.710 термини, а вакцинирани се 3.266 лица. Реализацијата на термините што веќе поминале изнесува 86,7 проценти, додека 503 граѓани не се појавиле на закажаната вакцинација.

Од Министерството апелираат граѓаните што не можат да дојдат на терминот навреме да го откажат, за местото да му биде отстапено на друг пријавен. Со новата група закажувања, дневниот капацитет треба да се зголеми на околу 1.700 вакцинации.

Дополнително, склучен е договор за набавка на 26.000 вакцини од производителот „Санофи“, кои треба да пристигнат до 15 ноември. Со нив, бројот на обезбедени вакцини ќе достигне 56.000, а до крајот на ноември се очекуваат уште 30.000, односно вкупно 86.000 вакцини.

Тимови од здравствените домови веќе започнуваат со вакцинација во домовите за стари лица, а од следната недела ќе се вакцинира и во центрите за дијализа.

CATEGORIES
Share This