ВНИМАНИЕ ЗА ВОЗАЧИТЕ Патиштата проодни, но на овие делници демне опасност од одрони
Сообраќајот низ Македонија се одвива непречено, без поголеми застои и чекања на граничните премини.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
И покрај поволните услови за патување, од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината на движење според условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата.
Посебна претпазливост се препорачува на патиштата што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои опасност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар ж- Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Според сезонскиот режим на сообраќај, од 15 април патниот правец Охрид – Ресен, кој минува низ Националниот парк „Галичица“, е отворен за сообраќај за сите видови возила со тежина до 3,5 тони.
Од АМСМ потсетуваат дека внимателното возење и почитувањето на сообраќајните правила се особено важни на планинските и клисурските патни правци.

