ОПЕРАТА НАБУКО СЕ ВРАЌА НА СЦЕНАТА ВО СКОПЈЕ Моќната музика на Верди и легендарната „Va, pensiero“ во Опера и балет

На 30 октомври, со почеток во 20 часот, Националната опера и балет ќе ја изведе една од најзначајните опери на Верди, со меѓународен уметнички тим и силна приказна за страдањето, слободата и копнежот по татковината.

ОПЕРАТА НАБУКО СЕ ВРАЌА НА СЦЕНАТА ВО СКОПЈЕ Моќната музика на Верди и легендарната „Va, pensiero“ во Опера и балет
Фото: Принтскрин

Една од најпознатите опери во историјата на музичката уметност, „Набуко“ од Џузепе Верди, на 30 октомври ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет, со почеток во 20 часот. Со моќна музика, драматичен заплет и впечатливи вокални интерпретации, делото ја раскажува судбината на еврејскиот народ, неговото страдање и копнежот по слобода и татковина. Универзалните пораки за надежта, достоинството и слободата ја прават операта актуелна и денес.

Изведбата ќе ја диригира Мирон Михаилидис од Грција, додека режијата е на Ренато Бонајуто од Италија. Сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија. Кореографијата е на Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Климент Тодороски, хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска, а за светлосниот дизајн е задолжен Милчо Александров.

Во насловната улога на Набуко ќе настапи Марјан Јованоски, Злата Тошевска Димовска ќе ја толкува Абигаиле, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Ѓорѓи Цуцковски ќе настапи како Исмаил, а Александар Стефаноски како Захарие. Во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Јаворка Витанова и Јане Дунимаглоски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, како и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

„Набуко“ е лирско-драматична опера во четири чина, чија праизведба се одржала во 1842 година во миланската „Скала“. Станува збор за третата опера на Верди, дело за кое се смета дека одиграло пресудна улога во воспоставувањето на неговата репутација како композитор.

Особено место во операта има хорската арија „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја“), која Верди ја создал како еден од музичките столбови на делото. Со својата емоционална сила и копнежот по изгубената татковина, аријата прераснала во еден од најпрепознатливите хорски моменти во оперската уметност.

CATEGORIES
Share This