ОД МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА ДО ТЕТОВИРАЊЕ Кинотеката подготвува ден за паметење

По повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, на 27 октомври Кинотеката организира промоција на дигитализираниот филм на Трајче Попов од 1967 година, а вечерта ќе го прикаже култното „Тетовирање“ во чест на 35-годишнината од премиерата и 80 години од раѓањето на актерот Мето Јовановски.

ОД МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА ДО ТЕТОВИРАЊЕ Кинотеката подготвува ден за паметење
Фото: Принтскрин

Кинотеката на Македонија ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со две значајни филмски содржини посветени на зачувувањето на македонската кинематографија. На 27 октомври, публиката ќе има можност да се потсети на два филма што оставиле белег во домашната филмска историја „Македонска крвава свадба“ и „Тетовирање“.

Во кинотечното кино, со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоција на Blu-ray изданието на „Македонска крвава свадба“ на режисерот Трајче Попов од 1967 година, филмска адаптација на истоимената драма на Војдан Чернодрински од 1900 година.

Филмот беше дигитализиран во 2025 година во рамки на проектот „Сезона на филмски класици“, инициран и координиран од Асоцијацијата на европски кинотеки, со поддршка на програмата „Креативна Европа МЕДИА“ на Европската Унија.

На промоцијата ќе се обратат директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски, и филмолозите Александар Трајковски и Дамјана Патчева.

Вечерта, со почеток во 20 часот, ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“, со што ќе се одбележат 35 години од неговата премиера, како и 80 години од раѓањето на актерот Мето Јовановски.

Со овие проекции, Кинотеката го заокружува октомври исполнет со филмски класици и јубилејни остварувања од македонската кинематографија. Светскиот ден на аудиовизуелното наследство се одбележува во чест на препораката на УНЕСКО за заштита и зачувување на подвижните слики, усвоена во 1980 година. Во 2015 година, УНЕСКО усвои и препорака за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучително и она во дигитална форма.

Целта на одбележувањето е да се потсети јавноста дека филмовите и другите аудиовизуелни записи се важен дел од културната меморија, но и дека нивното зачувување бара континуирана грижа, дигитализација и обезбедување пристап за идните генерации.

CATEGORIES
Share This