БЕСПЛАТНИ ПРЕГЛЕДИ ВО СКОПЈЕ Граѓаните ќе можат да го проверат ризикот од мозочен удар
По повод Светскиот ден на мозочниот удар, Клиниката за неврологија организира бесплатни мерења на крвниот притисок, шеќерот и холестеролот, како и доплер-прегледи на каротидните артерии.

Граѓаните на Скопје ќе имаат можност бесплатно да ја проверат својата здравствена состојба и да добијат проценка на ризикот од мозочен удар, во рамки на активностите што ги организира ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија – Скопје по повод Светскиот ден на мозочниот удар, кој се одбележува на 29 октомври.
Целта на тридневната програма е подигнување на јавната свест за значењето на превенцијата, препознавањето на првите симптоми и навременото лекување на оваа сериозна здравствена состојба.
Првата активност ќе се одржи во вторник, 27 октомври, од 10 до 12 часот, на платото пред „Пелистер“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Во овој период, сите заинтересирани граѓани ќе можат бесплатно да го измерат крвниот притисок, како и нивото на шеќер и холестерол во крвта. Дополнително, ќе се врши и проценка на индивидуалниот ризик од мозочен удар.
Акцијата има превентивен карактер и е насочена кон навремено откривање на ризик-факторите што можат да придонесат за појава на мозочен удар.
Следниот ден, на 28 октомври, од 11 до 13 часот, Универзитетската клиника за неврологија ќе ги отвори вратите за граѓаните. Во рамки на Отворениот ден ќе се вршат бесплатни доплер-прегледи на каротидните артерии, со кои се проценува протокот на крв низ крвните садови што го снабдуваат мозокот.
Од Клиниката информираат дека прегледите ќе бидат достапни за сите заинтересирани граѓани во предвидениот термин, без однапред утврдено ограничување на бројот на прегледи.
Одбележувањето на Светскиот ден на мозочниот удар ќе кулминира на 29 октомври, со централен настан што ќе започне во 10 часот во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје. Настанот ќе биде посветен на важноста на превенцијата, раното препознавање на симптомите и подобрувањето на здравствената заштита на пациентите со мозочен удар.
Најавено е присуство на министерот за здравство, проф. д-р Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, м-р Златко Перински, и в.д. директорот на Универзитетската клиника за неврологија, асс. д-р Јован Божиновски.
Мозочниот удар претставува сериозен јавно-здравствен предизвик, при што брзината на реакцијата може да биде пресудна за животот на пациентот и за намалување на трајните последици. Меѓу најчестите предупредувачки симптоми се ненадејно искривување на лицето, слабост или одземеност на едната рака и тешкотии при зборувањето или разбирањето на говорот.
При појава на кој било од овие симптоми, неопходно е веднаш да се повика итна медицинска помош, без да се чека симптомите сами да исчезнат. Од Клиниката за неврологија потсетуваат дека редовната контрола на крвниот притисок, шеќерот и холестеролот, како и навременото препознавање на предупредувачките знаци, се важни чекори во спречувањето на мозочниот удар и намалувањето на неговите последици.
Со организираните активности, здравствените работници сакаат да ги охрабрат граѓаните да преземат поголема грижа за сопственото здравје, бидејќи превенцијата и навремената медицинска интервенција можат да спасат човечки животи.

