ДВЕТЕ СТРАНИ МОЖЕ ДА ПРОГЛАСАТ ПОБЕДА Аналитичари предупредуваат на тензии во Србија

Србија се соочува со неизвесна изборна трка меѓу Александар Вучиќ и студентското движење, а аналитичарите предупредуваат на можни постизборни тензии и политичка криза.

ДВЕТЕ СТРАНИ МОЖЕ ДА ПРОГЛАСАТ ПОБЕДА Аналитичари предупредуваат на тензии во Србија
Фото: Принтскрин

Предвремените парламентарни избори во Србија се претвораат во референдум за или против претседателот Александар Вучиќ, а неизвесниот исход може да предизвика сериозна политичка криза. Политичките аналитичари Жарко Пуховски и Жарко Кораќ предупредуваат дека постои можност и власта и студентското движење да прогласат победа, што дополнително би ги зголемило тензиите во земјата.

Во интервју за ХРТ, Пуховски оцени дека Вучиќ е подготвен да се бори за политички опстанок и дека по изборите може да следуваат немири, па дури и обид за упад во парламентот. Тој смета дека полицијата и безбедносните структури остануваат под силно влијание на актуелната власт.

Пуховски предупреди и на длабоките последици од контролата врз медиумите и, како што оцени, сè поголемата примитивизација на српското општество. За студентското движење, пак, рече дека обединува различни политички струи и дека сè уште нема јасно оформена заедничка програма, освен националистичките позиции што ги препознава кај дел од неговите претставници.

И Жарко Кораќ смета дека изборите се пред сè гласање за или против Вучиќ, кој, според него, за време на 14-годишното владеење воспоставил силна контрола врз политичкиот живот и медиумите. Како пресвртница го посочи студентското движење, кое се засили по трагедијата на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 16 лица. Според Кораќ, студентите успеале да го прошират протестниот бран низ Србија и да создадат сериозен предизвик за власта.

Тој предупреди дека можните изборни нерегуларности и спорењето на резултатите би можеле да ја турнат земјата во длабока криза. Србија, според неговата оцена, е поделена на начин што потсетува на 2000 година, кога беше соборен Слободан Милошевиќ. Кораќ очекува дека контролата на гласањето, работата на изборните комисии и можноста за повторно пребројување на гласовите ќе бидат клучни за прифаќањето на изборните резултати.

СТОП ЗА ПАРТИИТЕ Почна изборниот молк во Србија – еве што сега е забрането

CATEGORIES
Share This