ТРОЈКА ЗА ИСТОРИЈА Пајола ја нокаутира Ѕвезда, Партизан го доби белградскиот трилер

Неверојатна драма во евролигашкото дерби на белградските великани! Црвена ѕвезда се врати од бездната и поведе во продолжението, но Карлик Џонс и Алесандро Пајола со две тројки го режираа големиот пресврт за триумф на Партизан од 85-82.

ТРОЈКА ЗА ИСТОРИЈА Пајола ја нокаутира Ѕвезда, Партизан го доби белградскиот трилер
Фото: Принтскрин

Белград повторно беше сведок на кошаркарски спектакл за паметење! Во дерби исполнето со драматични пресврти, неизвесност и вистинска спортска драма, Партизан ја совлада Црвена ѕвезда со 85-82 по продолжение, а херој на црно-белите стана италијанскиот кошаркар Алесандро Пајола.

Избраниците на Партизан фуриозно го отворија натпреварот, поведувајќи со 9-1, а потоа и со 13-3, најавувајќи дека се решени да го добијат големото белградско дерби.

Црно-белите ја контролираа играта во текот на сите 40 минути од регуларниот дел, ниту еднаш не дозволувајќи му на вечниот ривал да поведе. Но, кога се чинеше дека победникот е познат, Црвена ѕвезда приреди неверојатно враќање и успеа да избори продолжение.

Психолошката предност во дополнителните пет минути беше на страната на црвено-белите, кои го искористија моментот и поведоа со 81-77. Изгледаше дека Ѕвезда е на чекор до сензационален пресврт, но тогаш следуваше вистински шок.

На сцена стапија Карлик Џонс и Алесандро Пајола. Нивните тројки го вратија Партизан во живот, а прецизниот удар на Италијанецот за 85-82 предизвика вистинска ерупција од воодушевување кај навивачите на црно-белите.

Со оваа победа Партизан се израмни со Црвена ѕвезда на евролигашката табела, па двата белградски ривали по седум одиграни кола имаат идентичен скор од четири победи и три порази.

Сепак, бројките овојпат останаа во втор план. Белград доби дерби што долго ќе се прераскажува, а тројката на Пајола ќе остане еден од највпечатливите моменти на оваа незаборавна кошаркарска вечер.

Погледнете ја тројката на Алесандро Пајола со која беше решено големото белградско дерби:

CATEGORIES
Share This