БАЧЕВ СО ПОРАКА ЗА 23 ОКТОМВРИ Ова е наша држава, Ние одлучуваме

Претседателот на Единствена Македонија предупреди на закани за националниот идентитет и повика Македонците да не дозволат стравот да ги надвладее.

БАЧЕВ СО ПОРАКА ЗА 23 ОКТОМВРИ Ова е наша држава, Ние одлучуваме
Фото: Единствена Македонија

По повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, упати честитка до македонскиот народ и сите државјани на Република Македонија, повикувајќи на единство и одлучна борба за зачувување на државата, националниот идентитет, историјата и традицијата.

Бачев потсети дека на 23 октомври 1893 година, пред 133 години, шестмина македонски револуционери – Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Христо Батанџиев, Иван Хаџи Николов и Андон Димитров ги поставиле темелите на револуционерната организација што оставила длабока трага во македонската историја.

Според него, нивната визија за создавање сопствена држава прераснала во историско дело, кое денес претставува обврска за новите генерации Македонци.

„Тие ја создадоа идејата, идејата ја роди организацијата, а организацијата го создаде делото – самостојна, суверена и слободна Република Македонија“, наведува Бачев во честитката.

Тој оцени дека државата повторно се соочува со сериозни предизвици и предупреди на, како што наведува, обиди за бришење на македонскиот национален идентитет, историја и традиција. Притоа, повика на мобилизација и одговорност за зачувување на македонската државност.

Бачев посочи дека стравот од губење на работното место, социјалната помош или други лични придобивки не треба да биде пречка за одбрана на националните интереси. Според него, губењето на сопствената држава би имало многу подлабоки последици за иднината на македонскиот народ.

„Затоа, време е да станеме и да кажеме гласно: Ова е наша држава! Ние одлучуваме!“, порача претседателот на Единствена Македонија.

Тој повика на единство, верба и истрајност, повлекувајќи паралела со генерациите македонски револуционери кои, како што истакна, се бореле за слободна и самостојна Македонија.

„Во името на нашите предци и потомци, треба да си ја вратиме државата и гордо да можеме да кажеме: ‘Јас бев дел од таа генерација Македонци што ја зачува Македонија!’“, наведува Бачев.

Во завршницата на честитката, тој нагласи дека Единствена Македонија, повикувајќи се на историските корени на ВМРО, нема да се откаже од идеалите на македонските револуционери и од заложбата за зачувување на татковината.

„Македонија мора да победи. И ќе победи“, порачува Бачев, завршувајќи ја честитката со поздрави до македонскиот народ, државјаните и Република Македонија.

CATEGORIES
TAGS
Share This