СВЕДОЦИ НА СУДЕЊЕТО ЗА ПУЛС Полицијата ги легитимирала малолетниците пред пожарот, потоа помагала во евакуацијата
На судењето против 13 полициски службеници сведоци зборуваа за полициското присуство пред и по трагедијата во Кочани, додека родител на жртва побара да се утврди дали пожарот можел да биде спречен.

На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сведоци предложени од одбраната на 13 полициски службеници обвинети за непостапување согласно акцискиот план зборуваа за полициските активности пред и по трагедијата.
Еден од сведоците, кој во моментот на настанот бил малолетен, изјави дека ја напуштил дискотеката откако келнер ги предупредил дека надвор има полиција. Пред влезот бил легитимиран од полициски службеник, а непосредно потоа слушнал повик дека избувнал пожар. Тој потврди дека полицаецот им рекол да се оддалечат на безбедно место.
Друг сведок посведочи дека по избувнувањето на пожарот бил исфрлен од експлозија, а потоа видел повредени лица пред влезот. Според неговиот исказ, полициски службеници помагале во расчистувањето на пристапот и во поместувањето на повредените. Трет сведочеше за инструкциите од полицијата каде да ги транспортираат преживеаните.
Родител на една од жртвите порача дека судот треба да ги разгледа и видео-снимките објавени во медиумите и да утврди дали трагедијата можела да биде спречена. Тој нагласи дека мора да се направи разлика меѓу помошта по избувнувањето на пожарот и обврската институциите навреме да реагираат пред да бидат загрозени човечки животи.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“, што избувна на 16 март во Кочани, загинаа 63 лица, а повеќе други беа повредени. Во овој предмет обвинети се 13 полициски службеници за кои обвинителството тврди дека не постапиле согласно службените обврски и акцискиот план поврзан со работата на дискотеката.
ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ЗА ПУЛС Семејствата на загинатите застанаа зад обвинителството

