РЕЗЕРВИРАТЕ ПРЕКУ BOOKING.COM – ЕУ истражува лажни сметувања и кражба на податоци
Европската комисија отвори официјална истрага за да утврди дали Booking.com доволно ги штити корисниците од лажни огласи, фишинг-напади и онлајн измами.

Европската комисија ја стави платформата Booking.com под лупа поради сомневања дека не презела доволно мерки за заштита на корисниците од лажни понуди за сместување, кражба на лични податоци и интернет-измами.
По отворањето на истрагата, компанијата соопшти дека целосно соработува со Европската комисија и дека безбедноста на корисниците, довербата и заштитата на личните податоци се меѓу нејзините највисоки приоритети.
„Booking.com целосно соработува со Европската комисија и конструктивно одговара на нејзините прашања во рамките на Законот за дигитални услуги (DSA)“, се наведува во одговорот на компанијата до хрватскиот портал Index.hr.
Од Booking.com додаваат дека соработуваат со надлежните органи, регулаторите, агенциите за спроведување на законот и партнерите во индустријата за борба против сајбер-криминалот и онлајн измамите.
Истрагата на Европската комисија опфаќа три главни области во работењето на платформата.
Првата е лажното огласување на сместувачки објекти. Комисијата ќе испитува дали на платформата се појавуваат непостојни објекти или огласи во кои измамници лажно се претставуваат како сопственици на сместувања. Втората област се фишинг-измамите и злоупотребата на податоците. Станува збор за обиди за прибирање лични и финансиски информации од гостите преку лажни пораки и други измамнички методи. Европските регулатори ќе проверуваат дали резервациите и податоците на корисниците се соодветно заштитени. Третата област е транспарентноста на резултатите од пребарувањето. Комисијата ќе утврдува дали корисниците можат јасно да препознаат кои сместувања се прикажуваат на повисоки позиции затоа што нивните сопственици платиле за подобра видливост.
По објавувањето на истрагата, компанијата нагласи дека е посветена на соработката со европските институции и на спречувањето онлајн измами. Одговорот на Booking.com доаѓа во време кога дигиталните платформи се под засилен регулаторен надзор во Европската Унија, особено во однос на заштитата на потрошувачите и личните податоци.
Важно е да се нагласи дека отворањето истрага не значи дека е утврдено оти Booking.com ги прекршил европските правила. Европската комисија допрва треба да ги испита сомневањата и да утврди дали постои повреда на Законот за дигитални услуги. Доколку се утврди прекршување на прописите, платформата може да се соочи со казна до шест проценти од вкупниот годишен светски промет.
Покрај одговорот на истрагата, компанијата реагираше и на податоците за нејзината позиција на пазарот на хотелски резервации. Booking.com појасни дека бројката од околу 66 проценти не се однесува на сите хотелски резервации во Европа, туку на резервациите направени преку онлајн туристички агенции, познати како OTA-платформи.
Според истражувањето од септември 2026 година на HOTREC, европското здружение на хотели, ресторани и кафулиња, онлајн туристичките агенции учествуваат со 29,9 проценти во вкупниот број хотелски резервации во Европа. Во рамките на тој сегмент, Booking.com има удел од 66,1 процент. Истото истражување покажува дека 51,3 проценти од хотелските резервации се реализираат директно преку хотелите.
Истрагата на Европската комисија треба да утврди дали Booking.com ги исполнува обврските за заштита на корисниците и транспарентност на платформата, а нејзиниот исход ќе покаже дали компанијата ќе се соочи со санкции.
BOOKING.COM ПРЕД НАЈГОЛЕМАТА ТУЖБА – Над 10 илјади хотели го тужат сервисот за резервации

