ЕВРОПСКАТА ИДНИНА НА БАЛКАНОТ ВЛЕГУВА ВО КЛУЧНА ФАЗА Кос со порака до земјите кандидати, Македонија не ја спомна

Црна Гора е пред завршната фаза од пристапниот процес, во Србија претстојат избори, Албанија треба да го задржи темпото на реформите, а од Приштина се очекува посветеност на меѓународното право и владеењето на правото.

ЕВРОПСКАТА ИДНИНА НА БАЛКАНОТ ВЛЕГУВА ВО КЛУЧНА ФАЗА Кос со порака до земјите кандидати, Македонија не ја спомна
Фото: Принтскрин

Земјите кандидати за членство во Европската Унија влегуваат во период во кој претстојните недели и месеци ќе бидат одлучувачки за нивниот европски пат, оцени еврокомесарката за проширување, Марта Кос. Нејзината изјава доаѓа во пресрет на почетокот на самитот на Берлинскиот процес во Милочер, Црна Гора, каде што се собираат лидерите од Западен Балкан и претставници на европските институции за да разговараат за регионалната соработка и европската интеграција.

Кос нагласи дека е важно лидерите од регионот да учествуваат во ваквите средби, на кои се отвораат прашања од суштинско значење за иднината на земјите кандидати.

„Секогаш ми е мило кога гледам како напредува земја која е решена да стане членка на Европската Унија. Имаме недели и месеци пред нас кои ќе бидат одлучувачки“, изјави еврокомесарката.

Осврнувајќи се на состојбите во регионот, Кос посочи дека секоја од земјите се соочува со различни предизвици на патот кон ЕУ. За Црна Гора, како што нагласи, одлучувачки момент ќе биде преминувањето на завршната линија во пристапниот процес.

Во однос на Србија, таа ги посочи изборите што треба да се одржат следната недела како важен момент за земјата. За Албанија, според Кос, клучно е да се зачува динамиката на европската интеграција и да продолжи напредокот на европскиот пат.

Кога станува збор за Косово, еврокомесарката порача дека одлучувачки е изборот за продолжување по патот на почитување на меѓународното право и владеењето на правото.

Пораката на Кос доаѓа во период кога проширувањето на Европската Унија повторно е во фокусот на политичките разговори, а земјите од Западен Балкан се соочуваат со различни реформски и политички предизвици.

Самитот на Берлинскиот процес е една од платформите за продлабочување на регионалната соработка и забрзување на европската интеграција. Сепак, напредокот на секоја земја кон членство зависи од исполнувањето на преземените обврски и спроведувањето на потребните реформи.

КОС ЈА ОТКРИВА ЕВРОПСКАТА АГЕНДА ЗА 2026 Кој е најблиску до ЕУ, Македонија не ја спомна

CATEGORIES
TAGS
Share This