МАТЕРИЈАЛИТЕ НИ ГИ ПРАЌАА НАУТРО Што откри сведокот за набавката на ВЛТ-терминалите
Поранешниот член на Управниот одбор на „Државна лотарија“ сведочеше дека немало посебна одлука за набавката на терминалите, а документите понекогаш ги добивале само неколку часа пред да треба да се изјаснат.

Управниот одбор на АД „Државна лотарија“ не донел посебна одлука за набавка на видео-лотариските терминали (ВЛТ), ниту, колку што се сеќава, потребата од нивна набавка била посебна точка на дневниот ред. Ова го изјави Христо Најданов, поранешен член на Управниот одбор, на денешното судско рочиште за предметот „Државна лотарија“.
Најданов, кој бил член на Управниот одбор од 2017 година до 2 февруари 2024 година, посочи дека во периодот додека ја извршувал функцијата не била донесена одлука за конкретната набавка. Сепак, појасни дека за проширување на дејноста на компанијата и организирање електронски игри на среќа се разговарало и во периодот кога директорка била Катица Николовска Парнакова.
Одговарајќи на прашањата на Јавното обвинителство, Најданов објасни дека бил именуван во Управниот одбор од Владата, како предлог на партијата ДОМ, која тогаш била коалициски партнер во власта.
„Во Државна лотарија бев член на Управниот одбор, именуван од Владата. Мислам дека првиот мандат ми започна во 2017 година, некаде во август, иако не сум сигурен за точниот датум. Вториот мандат ми беше продолжен до февруари 2024 година, поточно до 2 февруари 2024 година, колку што се сеќавам“, рече Најданов.
Тој посочи дека во првиот период седниците се одржувале со физичко присуство, но приближно од 2021 година дневниот ред и дел од материјалите почнале да се доставуваат електронски. Според неговото сведочење, понекогаш членовите на Управниот одбор немале доволно време детално да ја разгледаат документацијата пред да се произнесат.
„Се случуваше материјалите да бидат испратени наутро, а од нас да се очекува да се произнесеме до попладне. Можам да зборувам за себе: понекогаш немав доволно време студиозно да ги разгледам материјалите. Колку што се сеќавам, одговорите на членовите најчесто беа позитивни“, изјави Најданов.
Тој додаде дека членовите немале секогаш можност да побараат дополнителни објаснувања од надлежните служби, особено за прашања за кои не сите имале доволно познавања.
Во врска со набавката на видео-лотариските терминали во 2023 година, сведокот рече дека првично се разговарало за потребата од формирање ново друштво за организирање електронски игри на среќа, но повтори дека Управниот одбор не донел посебна одлука за набавката.
На прашањето дали телото расправало за потребата од купување на терминалите, Најданов одговори:
„Колку што се сеќавам, тоа не беше посебна точка на дневен ред“.
Тој рече дека не му се познати причините поради кои поранешната директорка Катица Николовска Парнакова била резервирана во однос на започнувањето на проектот.
Сведокот посочи и дека за самата набавка дознал од медиумите, а подоцна од истите извори дознал дека терминалите не се во функција.
„Не знам што точно се случувало со нив, кога биле набавени или каков е нивниот статус“, рече Најданов.
Одговарајќи на прашањата на одбраната на првообвинетиот Перпарим Бајрами, Најданов потврди дека имал доверба во стручните служби на Државна лотарија, вклучувајќи ги правната служба и секторот за финансии. На прашањето дали како член на Управниот одбор преземал ризик потпирајќи се на доставените материјали, тој одговори потврдно.
„Да. Претпоставувам дека сите сме преземале одреден ризик во однос на материјалите што ни беа доставувани, односно ризик од одговорност“, изјави сведокот.
Најданов објасни дека Управниот одбор одлучувал за финансиските извештаи, плановите и програмите на компанијата, додека Надзорниот одбор имал контролна функција. Во врска со тоа дали набавката на нови ВЛТ-апарати била предвидена во финансискиот план, рече дека смета оти биле предвидени активности во таа насока.
За време на испитувањето, одбраната му го презентирала и неговиот претходен исказ пред Јавното обвинителство, даден на 10 февруари 2026 година. Најданов ги потврдил потписите на записникот, по што бил прочитан дел од неговото претходно сведочење за организирањето електронски игри на среќа.
На обвинетите во предметот „Државна лотарија“ им се става на товар кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, согласно член 353 став 5 во врска со ставовите 4 и 1, како и член 22 од Кривичниот законик. Според обвинението, делата биле сторени во текот на 2023 и 2024 година. За ова кривично дело е пропишана казна затвор од една до пет години.
Првообвинет е поранешниот генерален директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, а второобвинет е поранешниот вицепремиер Артан Груби. Во предметот се обвинети уште седум лица.
Груби минатата недела излезе од домашен притвор по истекот на максималниот законски рок за траење на оваа мерка. Неговата одбрана доставила барање до судот за укинување и на дополнителните мерки на претпазливост, нудејќи недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека ќе биде достапен на органите на прогонот.
Обвинението за предметот „Државна лотарија“ беше поднесено на 13 август 2026 година, а Груби се изјасни за невин.
Поранешниот вицепремиер во февруари годинава се врати во земјата по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот и беше приведен на граничниот премин Блаце.

