РЕЧИСИ 190.000 ЕВРА МЕСЕЧНО – УЈП откри колкава е највисоката плата во Македонија

Рекордната годишна бруто-плата надминува 2,2 милиони евра, петте највисоки плати се исплатени во Скопје, а најголемиот пријавен приход од дивиденди надминува четири милиони евра.

РЕЧИСИ 190.000 ЕВРА МЕСЕЧНО – УЈП откри колкава е највисоката плата во Македонија
Фото: Принтскрин

Речиси 190.000 евра месечно во бруто-износ изнесувала највисоката плата исплатена во Македонија во текот на 2025 година, покажува извештајот на Управата за јавни приходи (УЈП). Станува збор за плата во секторот за вадење камен јаглен, чиј вкупен годишен износ надминува 2,2 милиони евра.

Оваа рекордна плата е за околу два проценти повисока од највисоката плата исплатена во претходната година.

Податоците на УЈП покажуваат дека сите пет највисоки годишни бруто-плати во земјата надминуваат два милиони евра, а исплатени се во Скопје. Меѓу секторите во кои се исплатени се аптекарската дејност, трговијата со тутун, храна и пијалаци, болничката дејност и трговијата со фармацевтски производи.

Покрај платите, извештајот открива и високи дополнителни приходи. Највисокиот дополнителен приход, надвор од плата, го пријавил жител на Скопје, кој во текот на минатата година остварил нешто помалку од два милиони евра бруто.

Во првите пет највисоки дополнителни приходи се евидентирани уште три годишни примања над еден милион евра, како и еден приход од 42 милиони денари.

Највисок приход од дивиденди пријавил жител на Гевгелија, кој во 2025 година инкасирал повеќе од четири милиони евра. Сличен износ пријавил и жител на Охрид.

Според извештајот на УЈП, во текот на 2025 година биле изготвени 863.100 годишни даночни пријави, што е за речиси 83.000 повеќе во споредба со 2024 година, односно раст од 10,6 проценти.

Утврдениот бруто-приход е зголемен за 74,1 милијарда денари, или 13,8 проценти, додека утврдениот данок на личен доход пораснал за 4,9 милијарди денари, односно 13,9 проценти.

CATEGORIES
TAGS
Share This