САМО 7 СУДИИ ЗА 19 МЕСТА ВО ШТИП Судскиот совет мораше да испрати засилување
Четворица судии од Скопје и Велес доаѓаат на помош на штипскиот суд, каде недостигот од кадар го отежнува формирањето кривични совети и решавањето предмети.

Основниот суд во Штип се соочува со сериозен недостиг од судиски кадар. Од предвидените 19 судиски места, пополнети се само седум, поради што е отежнато функционирањето на судот, особено во делот на формирањето кривични совети и постапувањето по граѓанските предмети.
За да се ублажи состојбата, Судскиот совет на денешната, 559. седница, одлучи четворица судии од Велес и Скопје привремено да бидат упатени во Основниот суд Штип.
Координаторката за работата на судот, Тања Чачарова-Илиевска, информираше дека меѓу седумте судии се вбројува и претседателот на судот. Дополнителен проблем е што двајца од судиите се новоизбрани и сè уште не можат целосно да одговорат на потребите на судот, кој има проширена надлежност.
Недостигот од судии особено се чувствува при формирањето кривични совети, но и во решавањето на граѓанските предмети, чиј прилив дополнително го оптоварува судот.
Судскиот совет одлучи во Штип да бидат упатени Ангел Трипчев и Дејан Перчинковски од Основниот суд Велес, како и Сенида Јашар и Ирена Јаниќ од Основниот кривичен суд Скопје.
Четворицата судии ќе бидат привремено распоредени во Штип во период од една година, почнувајќи од 16 ноември 2026 година. Според образложението на Советот, за нивното упатување е обезбедена согласност од претседателите на матичните судови, а проценката е дека оваа мерка нема да го наруши нивното работење.
Со нивното доаѓање, бројот на судии во Основниот суд Штип привремено ќе се зголеми на 11, што сепак е значително помалку од предвидените 19 судиски места.
На истата седница, Судскиот совет одлучуваше и за приговорот на судијката Лорета Тодорова од Основниот суд Велес, која се спротивставила на нејзиното распоредување во кривичен совет за време на продолжениот празничен викенд, од 23 до 25 октомври.
Тодорова навела дека работи во граѓанскиот оддел и дека со ваквото распоредување незаконски се менува годишниот распоред без претходно мислење од судиите. Таа посочила и дека во истиот период е дежурна за предмети поврзани со семејно насилство.
Претседателката на Основниот суд Велес, Валентина Ѓорѓиевска, објаснила дека станува збор за привремена организациска мерка, неопходна поради отсуството на судии кои вообичаено членуваат во кривичниот совет.
Членот на Судскиот совет, Ивица Николовски, изразил несогласување со ваквото решение, посочувајќи дека распоредувањето судија од граѓански во кривичен оддел отвора прашања за стручната подготвеност и распределбата на работните обврски.
Сепак, Советот го одбил приговорот како неоснован, оценувајќи дека мерката е привремена и има цел да обезбеди непречено постапување по итните предмети.
На седницата биле разрешени и судии-поротници од основните судови во Кавадарци, Струмица и Ресен, поради истекување на мандатите или исполнување на законските услови за престанок на функцијата.
Судскиот совет прифатил и барање за надоместување патни трошоци на судија на Врховниот суд за патувањата на релацијата Штип – Скопје и обратно.

