ГРАЃАНИТЕ И ФИРМИТЕ СЕ ПОДЛАБОКО ВО ДОЛГОВИ Кредитите во Македонија пораснаа за 14,1 отсто

Станбените кредити скокнале за 16,1%, а задолжувањето на компаниите за 15,7% на годишно ниво. Истовремено, растат и заштедите во банките, кои за една година се зголемиле за 9,2%.

ГРАЃАНИТЕ И ФИРМИТЕ СЕ ПОДЛАБОКО ВО ДОЛГОВИ Кредитите во Македонија пораснаа за 14,1 отсто
Фото: Принтскрин

Граѓаните и компаниите во Македонија сè повеќе се задолжуваат, а раст бележат и депозитите во банките. Вкупните кредити во септември 2026 година се зголемиле за 14,1 отсто на годишно ниво, додека вкупните депозити пораснале за 9,2 отсто, покажуваат податоците за монетарните движења.

Најизразен раст има кај станбените кредити, кои на годишно ниво се зголемиле за 16,1 отсто. Потрошувачките кредити, пак, бележат раст од 12,4 отсто.

Кредитите одобрени на домаќинствата во септември биле за 1,4 отсто повисоки во споредба со август, а за 12,7 отсто во однос на истиот месец минатата година. Потрошувачките кредити на месечно ниво пораснале за 1,1 отсто, додека станбените се зголемиле за 1,5 отсто. Податоците укажуваат на продолжување на растот на задолжувањето на граѓаните, особено за станбени и потрошувачки потреби.

Растот на кредитирањето е забележлив и кај корпоративниот сектор. Кредитите на компаниите во септември се зголемиле за 1,3 отсто во споредба со претходниот месец, а на годишно ниво забележале раст од 15,7 отсто. Вкупните кредити на граѓаните и фирмите биле за 1,3 отсто повисоки во однос на август и за 14,1 отсто во споредба со септември минатата година.

Паралелно со задолжувањето, се зголемуваат и средствата што граѓаните и компаниите ги чуваат во банките. Вкупните депозити во септември пораснале за 0,4 отсто на месечно ниво и за 9,2 отсто на годишно ниво. Најголем придонес во растот имаат депозитите на домаќинствата, кои на годишно ниво се зголемиле за 9,2 отсто. Раст бележат и средствата на трансакциските сметки и орочените заштеди.

Орочените депозити на домаќинствата, без средствата на трансакциските сметки, пораснале за 0,8 отсто во однос на август и за 5,7 отсто во споредба со истиот месец лани. Повеќе средства во банките чуваат и компаниите. Нивните депозити во септември се зголемиле за 0,4 отсто на месечно ниво, односно за 8,6 отсто на годишно ниво.

Податоците покажуваат дека во септември истовремено продолжиле да растат и кредитната активност и депозитите во банкарскиот сектор.

CATEGORIES
Share This