ДРЕВНИ ВИСТИНИ, СОВРЕМЕНИ АПСУРДИ Владимир Лукаш ја превртува мудроста наопаку

Преку карикатури, илустрации и визуелни парадокси, уметникот ги преиспитува значењата на латинските поговорки во самостојната изложба „EST“ во Скопје.

ДРЕВНИ ВИСТИНИ, СОВРЕМЕНИ АПСУРДИ Владимир Лукаш ја превртува мудроста наопаку
Фото: Принтскрин

Во Културно-информативниот центар во Скопје, на 20 октомври, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на цртежи „EST“ на визуелниот уметник, писател и музичар Владимир Лукаш. Изложбата ќе биде достапна за посетителите до 27 октомври.

Со овој проект Лукаш нуди поинаков поглед кон древните латински изреки, претворајќи ги во современи визуелни приказни исполнети со хумор, иронија, апсурд и критички осврт кон општеството. Неговите цртежи се движат на границата меѓу карикатурата, илустрацијата, ребусот и концептуалната уметност, создавајќи необичен дијалог меѓу зборот и сликата.

Корените на овој уметнички концепт се поврзани со цртачките сесии што Лукаш ги одржал кон крајот на 2024 година во кафе-книжарницата „Буква“, под наслов „Цртаме латински поговорки“. Во текот на тридневните средби, од 23 до 25 декември, уметникот инспирацијата ја црпел од збирката „Латински цитати, изреки и фрази“, приредена од класичниот филолог Светлана Кочовска Стевовиќ, а објавена во 2023 година во издание на „Или-Или“.

Тогаш започнал неговиот необичен визуелен дијалог со античката мисловност, во кој познатите латински изреки биле извадени од нивниот првичен контекст и поставени во современи, често неочекувани ситуации.

Наместо буквално да ги илустрира поговорките, Лукаш ги преобликува нивните значења, користејќи карикатурални елементи за да нагласи одредени особености и да отвори простор за нови толкувања. На тој начин, сериозноста на древната мудрост се судира со современиот апсурд, политичките асоцијации и филозофските прашања.

Особеноста на цртежите на Лукаш е во нивната способност да ја доведат во прашање смислата на нешто што со векови се прифаќало како неприкосновена вистина. Поговорката кажува едно, цртежот сугерира друго, а нивното поврзување создава сосема ново значење. Преку ваквиот пристап, уметникот не ја исмева древната мудрост, туку ја става во нов контекст, поттикнувајќи го гледачот повторно да ја прочита и преиспита.

Хуморот во неговите дела не служи само за забава. Тој станува средство за критичко размислување, откривање противречности и поставување прашања за современото општество. Во овој визуелен свет, старите вистини добиваат нов живот, а гледачот станува активен учесник во создавањето на нивното значење.

Токму во судирот меѓу очекуваното и неочекуваното, меѓу сериозноста и шегата, се отвора креативниот простор на изложбата „EST“. Наместо да понудат конечен одговор за значењето на древните изреки, цртежите на Лукаш покажуваат колку различни толкувања може да произлезат од една единствена мисла.

Владимир Лукаш е роден во 1978 година во Скопје. Тој е визуелен уметник, писател и музичар со богато и разновидно творештво. Досега реализирал петнаесетина самостојни изложби и учествувал на повеќе од сто групни изложби во Македонија, Германија, Турција, САД и други земји. Неговите кратки анимирани филмови биле прикажани на педесетина филмски фестивали во Европа, Азија и Америка.

Покрај визуелната уметност, Лукаш активно се занимава и со литература и музика. Автор е на десетина книги за деца и возрасни, компонира музика за различни камерни состави и членува во неколку музички ансамбли.

Меѓу неговите позначајни самостојни изложби се „Пикник во лавиринтот“ во Охрид (2025), „Mule Variations“ во Истанбул (2024), „Hello, Deadline, My Old Friend, I’ve Come to Talk with You Again“ во Скопје и Штип (2022–2023), како и „Микромонографија за отпадниците од светот на анимираниот филм“, претставена во Скопје и Загреб во 2021 година.

Неговите дела биле изложувани и во Белград, Берлин, Битола, Кавадарци, Струга, Ресен и други градови. Лукаш живее и работи во Скопје.

CATEGORIES
Share This