ВРИЕ ВО СДСМ Филипче му слугува на Мицкоски, партијата ја претворија во секта

Организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“ бараат раководството да посочи кој наводно агитирал против кандидатот во Брвеница и обвинуваат дека Радески бил принуден на прес-конференција.

ВРИЕ ВО СДСМ Филипче му слугува на Мицкоски, партијата ја претворија во секта
Фото: Принтскрин

Со остра реакција на денешната прес-конференција на Јовица Радески се огласија организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“, кои ги отфрлаат обвинувањата за наводна агитација против кандидатот на СДСМ во Брвеница.

Според нив, Радески бил принуден јавно да настапи и да ја докажува својата лојалност кон партиското раководство, само затоа што иницијативата му честитала за достоинствениот настап на изборите.

„Раководството на СДСМ сè повеќе наликува на секта во која клучниот предуслов за припадност е геслото сите други се виновни за поразите, само Венко Филипче не носи одговорност за ништо“, се наведува во реакцијата.

Од иницијативата тврдат дека Радески бил доведен во непријатна ситуација и дека морал јавно да ја демонстрира својата лојалност.

„Му се извинуваме за тоа што денес мораше јавно да се срами, а приватно да се извинува“, порачуваат организаторите.

Тие го предизвикуваат раководството на СДСМ јавно да посочи барем едно лице од „Разговори за иднината во 12:05“ кое наводно агитирало против партискиот кандидат во Брвеница.

Во реакцијата се поставува и прашањето за политичката одговорност на актуелното раководство, при што се оценува дека обидите изборните неуспеси да им се припишат на други претставуваат признание за неспособноста да се води партијата.

„Доколку од ‘Разговори за иднината во 12:05’ зависи дали кандидатите на СДСМ победуваат, тогаш ова дезориентирано партиско раководство самото признава дека мора да си замине“, нагласуваат од иницијативата.

Најострите обвинувања се насочени кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кого организаторите го обвинуваат за политичка соработка со премиерот Христијан Мицкоски.

„Ниту една принудна прес-конференција не може да ја покрие вистината дека Венко Филипче е полномошникот за највалканиот политички дил во последните 35 години“, се наведува во соопштението.

Од „Разговори за иднината во 12:05“ дополнително тврдат дека незадоволството кај членството на СДСМ расте и дека сè поголем број членови се срамат од, како што велат, сервилниот однос на актуелното раководство кон Христијан Мицкоски.

Со оваа реакција иницијативата повторно ја отвора темата за внатрепартиските поделби во СДСМ и одговорноста за изборните резултати, барајќи промени во раководството на партијата.

CATEGORIES
Share This