ДОЛГ ОД 800.000 ЕВРА ЈА ТУРКА ЗК ПЕЛАГОНИЈА КОН СТЕЧАЈ Судот закажа рочиште

Основниот суд во Битола поведе претходна постапка по барање на доверителот „Агроефодиа“, кој бара наплата на 48 милиони денари, плус камата и трошоци. Одлуката за евентуално отворање стечај допрва треба да се донесе.

ДОЛГ ОД 800.000 ЕВРА ЈА ТУРКА ЗК ПЕЛАГОНИЈА КОН СТЕЧАЈ Судот закажа рочиште
Фото: Принтскрин

Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ од Битола се соочува со можност за отворање стечајна постапка поради долг од околу 800.000 евра. Основниот суд во Битола поведе претходна постапка за утврдување на причините за отворање стечај над компанијата, по предлог на доверителот „Агроефодиа“ ДООЕЛ од Василево.

Од судот информираат дека е донесено решение СТ-139/26 од 5 октомври 2026 година. Според судското соопштение, побарувањето изнесува 48.057.353 денари, плус камата и трошоци.

Доверителот се повикал на правосилна и извршна пресуда на Основниот суд во Битола од 25 јануари 2025 година, потврдена со пресуда на Апелациониот суд од 8 јуни 2026 година.

Како што е наведено во информацијата, претходните обиди долгот да се наплати преку извршител не биле успешни, бидејќи на сметката на должникот немало средства.

Рочиштето на кое треба да се разгледа предлогот за отворање стечајна постапка е закажано за 5 ноември 2026 година, во 10:30 часот, во судница број 20 на Основниот суд во Битола. Предложено е и именување привремен стечаен управител.

Сепак, поведувањето претходна постапка не значи дека стечајот е веќе отворен. Судот треба да утврди дали се исполнети законските услови за таков чекор. Според неофицијалните информации наведени во објавата на „Зелена берза“, постои можност страните да постигнат договор пред закажаното рочиште.

„Пелагонија“ е едно од значајните земјоделски претпријатија во земјава, а евентуалното отворање стечајна постапка би било важен развој на настаните за компанијата и земјоделскиот сектор.

CATEGORIES
Share This