ПРИШТИНА ПОД ЛУПА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ Што открива извештајот на УНМИК

Шестмесечниот извештај на УНМИК предупредува на ограничен напредок во спроведувањето на Бриселскиот договор, тензии на северот на Косово и зголемено чувство на несигурност кај српското население.

ПРИШТИНА ПОД ЛУПА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ Што открива извештајот на УНМИК
Фото: Принтскрин

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи седница посветена на состојбите на Косово, на која ќе биде разгледан шестмесечниот извештај за работата на мисијата УНМИК.

Извештајот треба да го претстави шефот на УНМИК, Питер Ду, кој ја презеде функцијата во јануари годинава.

Документот, кој го опфаќа периодот од 16 март до 15 септември, оценува дека општата безбедносна состојба на Косово останува стабилна, но истовремено укажува на продолжена институционална блокада и ограничен напредок во спроведувањето на Бриселскиот договор.

Посебно внимание е посветено на зголемените тензии меѓу властите во Приштина и локалните самоуправи, особено во северниот дел на Косово.

Во извештајот се наведуваат и случаи на апсења на Срби, затворање и попречување на работата на институции што функционираат во српскиот систем, ограничувања поврзани со верски и културни симболи, како и наводи за несоодветно полициско постапување, уривање имот и иселувања.

Според оценките во документот, ваквите случувања придонеле за зголемено чувство на несигурност и нееднаков третман кај косовските Срби.

Се очекува состојбите на северот на Косово, институционалните проблеми и спроведувањето на постигнатите договори да бидат меѓу главните теми на расправата во Советот за безбедност.

CATEGORIES
Share This